Покрај полицијата, денеска на терен се и Хрватската планинска спасувачка служба (ХГСС), пожарникари и цивилната заштита, а во потрагата на реката Сава се користат и дронови
Потрагата во реката синоќа била прекината поради лошите временски услови, слабата видливост и надојдената река која била пребрза и матна за да се види нешто, но потрагата продолжила со кучиња трагачи

Загрепската полиција соопшти дека и денеска интензивно го пребарува коритото на реката Сава во Загреб во потрага по 3-годишно девојче. Полицијата вчера попладне добила пријава дека жена со дете во рацете влегла во реката Сава кај мостот во населбата Јанкомир. На жената ѝ била укажана лекарска помош, а потрагата по детето е во тек.
На терен вчера биле вклучени пожарникари, цивилна заштита и припадници на хрватската планинска спасувачка служба, а биле активирани и тимови со чамци и дронови со термални камери.
Сите служби за итни случаи пребарувале област од околу 15 километри покрај реката Сава.
Потрагата во реката синоќа била прекината поради лошите временски услови, слабата видливост и надојдената река која била пребрза и матна за да се види нешто, но потрагата продолжила со кучиња трагачи.
Покрај полицијата, денеска на терен се и Хрватската планинска спасувачка служба (ХГСС), пожарникари и цивилната заштита, а во потрагата на реката Сава се користат и дронови.
Како што информираат од хрватскиот Црвен крст, потрагата по детето е продолжена, а во неа учествува и специјалистичкиот тим за спасување во вода.
„Тимот на Црвениот крст вклучува шест спасувачи кои ја пребаруваат Сава во координација со другите служби за итна помош. Спасувачите на Црвениот крст користат два брода во потрагата – чамец и специјализиран скутер за спасување. Интензивната потрага се одвива во тешки услови, но сите екипи прават сè за да го пронајдат детето“,
се вели во објавата на фејсбук-страницата на хрватскиот Црвен крст.
Командирот на Противпожарната станица од Јанкомир, Зоран Горички, вели дека денеска потрагата е продолжена со поголем интензитет од синоќа.
„Работиме со седум чамци, две џет-скии и четири дронови во воздух. Ја пребаруваме реката Сава до мостот ‘Татковина’. Во потрагата учествуваат припадници на хрватската служба за поморска безбедност, пожарникари, итната полиција“,
вели тој.
Тој додаде дека припадниците на противпожарната бригада на Загребската жупанија ќе го пребаруваат долниот дел, под мостот „Татковина“.
Вели дека условите за пребарување биле тешки синоќа, а и денеска е многу студено, но видливоста денеска е многу подобра. Тој рече дека ќе дадат сè од себе во потрагата за да се заврши работата.
Хрватските медиуми пренесуваат дека денеска екипи со чамци се во Сава, распоредени се беспилотни летала, има и термални камери, а наскоро нуркачки тимови повторно ќе го пребаруваат коритото.
Хрватската крајбрежна стража ќе ја започне потрагата со два чамци и беспилотно летало.