Отповиканиот Јун Сук Јеол, кој во декември се обиде да воведе воена состојба во земјата, стана првиот актуелен претседател во историјата на Јужна Кореја кој е уапсен
Пред неговото апсење, јужнокорејскиот претседател преку видеопорака се обрати на нацијата велејќи дека ќе соработува со антикорупциските власти за да се избегне крвопролевање
По долги и тензични натегања меѓу антикорупциските истражители и неговите поддржувачи, отповиканиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол е уапсен и сослушан во врска со неговиот обид да прогласи воена состојба во земјата на почетокот на декември минатата година, соопштија утрово од Канцеларијата за истражување на корупција (ЦИО), јавуваат светските медиуми.

Истражителите вчера неколку часа се обидуваа да влезат во официјалната резиденција на претседателот во Сеул, во што беа спречувани од службите за безбедност на отповиканиот шеф на државата.
По акцијата, Јун Сук Јеол и официјално стана првиот актуелен претседател во историјата на Јужна Кореја кој е уапсен.
Пред неговото апсење, тој преку видеопорака се обрати на нацијата велејќи дека ќе соработува со антикорупциските власти за да се избегне крвопролевање во последното поглавје од сагата што ја потресе јужнокорејската политика и предизвика загриженост кај нејзините меѓународни сојузници, пренесува британски „Гардијан“.
Јеол, во обраќањето, меѓудругото, изјави дека владеењето на правото во земјата се срушило со обидот за негово апсење.
„Претседателот Јеол одлучи лично да се појави во Канцеларијата за истраги за корупција (ЦИО) денеска“,
изјави неговиот адвокат Сеок Донг Хјеон на Фејсбук додавајќи дека отповикуваниот лидер исто така ќе одржи говор.
Но, истражителите набргу потоа објавија дека претседателот е уапсен.
Колона возила, од кои во едно најверојатно се наоѓал Јеол, беше забележано како ја напушта претседателската резиденција, а кои подоцна пристигнуваат во канцелариите на антикорупциската агенција што ја води истрагата. Подоцна Јеол беше виден како влегува во канцелариите.

Операцијата за апсење претседателот на Јужна Кореја започна во раните утрински часови во средата, при што истражителите ги затворија улиците околу комплексот со полициски автобуси и илјадници полицајци.
Според изјави на сведоци, невооружен тим истражители од ЦИО и полицајци се обиделе да влезат во комплексот, но биле блокирани од неидентификуван персонал на влезната порта.
Телевизиските снимки потоа покажуваат околу 20 лица за кои се верува дека се истражители како се качуваат по скали во зградата.
Според телевизијата Јонхап, инспекторите, исто така, се обидувале да влезат во резиденцијата преку алтернативна планинска патека за пешачење.
При обидот истражителите се судриле со луѓе кои биле насобрани и ја „бранеле“ претседателската резиденција. Видеоснимките покажуваат како припадниците на ЦИО се обидуваат да се пробијат низ толпата поддржувачи на Јеол, собрани пред неговата резиденција во Сеул.
Истражители во текот на акцијата соопштиле дека ќе го приведат секој што ќе се обиде да ги попречи во обидот да го извршат налогот за апсење на претседателот. Во меѓувреме се појавиле информации дека за време на тензичната операција бил уапсен шефот на претседателката гарда, но полицијата потоа ги демантираше ваквите наводи.
Како што пренесуваат медиумите, во судирот било повредено најмалку едно лице.

Инспекторите го извршија налогот за апсење на претседателот Јеол по неговата објава за прогласување воена состојба во земјата на почетокот на декември, која наскоро беше повлечена. Сепак, претседателот се соочи со обвиненија за организирање бунт, кривично дело за кое во Јужна Кореја е предвиден доживотен затвор, па дури и смртна казна.
Инаку, антикорупциските истражители еднаш веќе се обидоа да го уапсат претседателот, но оваа акција на почетокот на месецов заврши неуспешно откако исто така дојде судир меѓу нив и службата за безбедност на отповиканиот претседател.
Вршителот на должноста претседател на земјата Чои Санг-мок во изјава дадена рано утрово додека се одвиваше операцијата рече дека станува збор за клучен момент за одржување на редот и владеењето на правото во Јужна Кореја.
За време на акцијата толпи поддржувачи на Јеол, од кои повеќето повозрасни лица, се собраа во близина портите на неговата резиденција каде на импровизирани бини држеа говори во кои налогот за апсење на претседателот го нарекуваа „лажен“ и повикуваа на апсење на опозицискиот лидер Ли Јае-мјунг.
Во близина се собраа и демонстранти кои го поддржуваа апсењето на претседателот, кои со полициски кордон беа држени одвоено од поддржувачите на Јеол за да не дојде до судир.
Краткотрајното воведување на воена состојба од страна на Јеол ја втурна Јужна Кореја во најголемата политичка криза во последните децении откако тој испрати војници да упаднат во парламентот потресувајќи ја енергичната источноазиска демократија и накратко враќајќи ја во мрачните денови на военото владеење, наведува „Гардијан“.