Изјавата на премиерот следува по коментарот што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера го дал за косовските медиуми, оти Артан Груби во моментов се наоѓа на албанска територија. Во изјавата, која подоцна ја пренесоа и медиумите во земјава, Ахмети вели дека Груби не избегал и дека ќе се врати во земјава, но ако правдата не е одмаздничка и селективна
Премиерот Христијан Мицкоски се надева дека до Обвинителството ќе допре изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во која тој за косовски медиуми рече дека ексвицепремиерот Артан Груби, кој во моментов не е достапен за органите на прогонот, а е осомничен во случајот за „Државна лотарија“, се наоѓа на албанска територија.

Мицкоски очекува Ахмети да биде повикан од Обвинителството и да каже, доколку има информација, каде се наоѓа поранешниот прв вицепремиер кого го ослови со бегалец од законот и од правдата.
„Се надевам дека ова допира до Обвинителството и има правна процедура во која ако имаме личност која знае каде се наоѓа бегалец од законот ќе ја повика таа личност и таа ќе даде одговор на прашањето каде се наоѓа бегалецот од правдата. На секој во државата му е јасно како се поставуваа обвинители и судии во последните седум години. Истите тие без кои не можеше да биде поставен ниту обвинител ниту судија, ниту да поминат квалификации преку Академијата на судии и јавни обвинители, сега велат дека правдата некому му била оневозможена и дека ова било политички прогон“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Дека не се работи за политички прогон против Груби, како што рече премиерот, покажува и одлуката на Стејт департментот неодамна да го стави поранешниот прв вицепремиер на „црната листа“ на САД поради поврзаност со големи коруптивни и криминални дејствија.
„Претпоставувам дека нема да го обвинат ниту Стејт департментот дека се прави политички прогон против ова лице. Најлесен начин да се докаже дали е виновен или не или на која територија да се наоѓа е да дојде, да даде исказ и да се соочи со правдата. Нема ништо лошо во тоа да кажеш дали си во право или не си во право, а обвинителите и судиите да одлучуваат понатаму врз основа на доказите кои ќе ги добијат во истрагата“,
додаде Мицкоски.
Изјавата на премиерот следува по коментарот што лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера го дал за косовските медиуми, оти Артан Груби во моментов се наоѓа на албанска територија. Во изјавата, која подоцна ја пренесоа и медиумите во земјава, Ахмети вели дека Груби не избегал и дека ќе се врати во земјава, но за да се случи тоа, како што додава, правдата не треба да биде одмаздничка и селективна.
„Не сум го сретнал Артан Груби. Добар е, неговата локација е секако на албанските простори. Тоа е процес кој мора да има епилог. Тој не избега од Македонија, подготвен е да се појави пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не и со одмаздничката и селективна правда“,
изјавил Ахмети, пренесува „Економиа онлајн“,