Причините за отфрлањето на предлогот биле дека осомничениот Ковачевски не бил достапен за органите на прогон, тој не бил уапсен и не се произнел во судот
Кривичниот суд денеска го отфрлил предлогот за определување мерки за претпазливост против поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, поднесен на 11 декември годинава, откако добил известување од Министерството за внатрешни работи (МВР) дека тој не е достапен.

Мерки за претпазливост се барале за Ковачевски во врска со истрагата за предметот „Адитив“ што го води Обвинителството.
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлогот за определување мерки за претпазливост против В.К., од 11.12.2024 година, а во врска со истрагата за предметот од обвинителството означен како ‘Адитив’, денеска, веднаш по добивање на известување од надлежното МВР за неговата достапност, донесе решение со кое го отфрли предлогот за определување мерки за претпазливост, со оглед да осомничениот не е достапен за органите на прогон“,
се вели во соопштението од Кривичен.
Причините за отфрлањето на предлогот биле дека осомничениот Ковачевски не бил достапен за органите на прогон, тој не бил уапсен и не се произнел во судот.
Според Основниот кривичен суд Скопје поради ова не се исполнети условите за мерки за претпазливост пропишани во Законот за кривична постапка.
„Судија на претходна постапка може да постапува и да донесе решение за прифаќање на предлог на Јавен обвинител, без да биде сослушано осомниченото лице, само доколку за истото е предложена мерка притвор, но не и кога против истото лице се предложени мерки за претпазливост, како во конкретниот случај и истото лице воопшто не е лишено од слобода и спроведено во судот да се произнесе за предлогот како што налагаат одредбите од Законот за кривична постапка“,
се додава во соопштението.
Оттаму додаваат дека решението ќе биде доставено до странките во постапката.
По предлог на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), скопскиот кривичен суд на 11 декември им определи 30-дневен притвор на осуммина од вкупно 23 осомничени во случајот „Адитив“. Меѓу нив е и ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов.
На другите 13 осомничени во случајот, Кривичен им одреди мерки за претпазливост.
Мерки за претпазливост Кривичен му определи и на осомничениот поранешен директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој во моментов е недостапен за органите на прогонот и е надвор од државата.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска рече дека е вчудовиден што Јавното обвинителство не му одредило притвор, како најстрога мерка од Законот за кривична постапка, на поранешниот директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој е осомничен во случајот „Адитив“.
Тошковски рече дека МВР и усно и писмено го известило Обвинителството оти ексдиректорот на ЕСМ е недостапен за органите на прогонот, но оти, за жал, јавниот обвинител што го водел предметот во ОЈО ГОКК одлучил дека не треба да бара мерка притвор.
Според министерот за внатрешни работи, Обвинителството морало за лице што е недостапно за органите на прогонот да побара определување мерка притвор.