„Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите“, велат од Јавното обвинителство во одговор на новинарско прашање
Откако премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува Јавното обвинителство по допрен глас да преземе мерки во врска со информациите што тој вчера ги изнесе од собраниската говорница оти претходната власт незаконски го следела, од Обвинителството велат дека таков предмет веќе е оформен.

Дека Јавното обвинителство постапува по допрен глас во врска со изнесените наводи, премиерот Мицкоски бил информиран од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски на средба што ја имаше денеска.
Предметот, како што велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, е веќе даден на надлежно јавно обвинителство.
„Јавното обвинителство веќе има оформен предмет по допрен глас врз основа на вчерашната изјава на Претседателот на Владата на РСМ, за што Јавниот обвинител на РСМ на денешната средба веќе го информираше и премиерот. Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите“,
велат од Јавното обвинителство во одговор на новинарско прашање.
Во писмено соопштение оттаму додаваат дека имајќи го предвид сензитивниот карактер на пласираната информација, Обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежни органи „за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејствија“.
Одговарајќи на пратенички прашања, премиерот вчера обвини дека поранешната власт на СДСМ и ДУИ преку тогашните безбедносни служби незаконски ги следеле него и неговото семејство, под лажно обвинување дека како лидер на опозицијата бил организатор, финансиер и нарачател на „параполициско воено вооружена формација на македонски радикални екстремни и националистички настроени елементи“.
„Да видиме дали овој глас ќе допре до нив (Јавното обвинителство на РСМ н.з)“,
изјави денеска Мицкоски.
Тој денеска се надоврза на она што вчера го кажа одговарајќи на пратенички прашања во Собранието, посочувајќи дека една од безбедносните агенции располагала со наводни информации дека е организатор на вооружени терористички структури, а оти за тоа не го информирала МВР зашто во тој период во 2020 година технички министер бил Наќе Чулев од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова било само начин преку монтажа да се обезбеди физичко покривање на лидерот на најголемата политичка партија во тој момент, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Мицкоски.
