Ректорката Биљана Ангелова ја нагласила важноста за енергетска стабилност за редовно функционирање на УКИМ додавајќи дека Универзитетот бара начини за оптимизација на трошоците за струја, како и долгорочно и одржливо решение
Високите сметки за струја претставуваат значителен финансиски товар за Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, нагласила ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, на средбата со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.
Ректорката ја нагласила важноста за енергетска стабилност за редовно функционирање на УКИМ додавајќи дека Универзитетот бара начини за оптимизација на трошоците за струја, како и долгорочно и одржливо решение.
Божиновска, пак, ја изразила подготвеноста на Министерството да ги разгледа можностите за олеснување на оваа ситуација, додавајќи дека останува посветено на пронаоѓање одржливи решенија за оптимизација на енергетските ресурси и обезбедување економска стабилност за институциите и граѓаните.
„Решавањето на проблемот е од суштинско значење за подобрување на енергетската одржливост на јавниот сектор и за ослободување на средства кои би можеле да се инвестираат во други развојни проекти“,
посочила министерката.
Се додава дека иако земјава повеќе од година и половина успешно ја менаџира својата берза за електрична енергија, која функционира преку националниот Оператор за пазар на електрична енергија (МЕМО), повеќето државни и јавни институции се соочуваат со сериозни предизвици бидејќи се обврзани да купуваат струја на слободниот пазар, плаќајќи по цените што се формираат на берзата ХУПЕКС во Унгарија.
„Иако се работи за некомерцијални субјекти, над 200 јавни установи моментално плаќаат просечна дневна берзанска цена за струја, што значително ги оптоварува нивните буџети“,
се вели во соопштението на Министерството.
Освен за предизвиците во поглед на електричната енергија, Божиновска и Ангелова разговарале и за важноста за стимулирање на студентите, а во оваа смисла министерката изразила подготвеност да иницира и поддржи заеднички проекти со УКИМ за развој на нови таленти и обезбедување стручни кадри во енергетскиот сектор.