Министерот за внатрешни работи рече дека не би сакал да шпекулира каде во моментов се наоѓа поранешниот прв вицепремиер и оти би сакал да верува во она што тој го обзнани во јавноста дека ќе се врати во земјава зашто е чист како солза
До овој момент ниту една соседна држава не доставила потврда до македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) околу можниот престој на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби.
Ова вечерва го изјави првиот човек на МВР, Панче Тошковски, во интервју за ТВ Телма, додавајќи дека македонското МВР има комуникација и одлична соработка со министерствата за внатрешни работи од земјите во соседството, но дека засега од ниту една нема добиено соодветна потврда околу престојот на Груби.

Рече дека не би сакал да шпекулира каде во моментов се наоѓа поранешниот вицепремиер и оти би сакал да верува во она што тој го обзнани во јавноста дека ќе се врати во земјава зашто е чист како солза.
„Би сакал да верувам дека таа изјава којашто ја дава е во таа насока – дека тој навистина имал приватни обврски каде што отишол, дека ќе се јави во Македонија и дека ќе преземе соодветни дејствија во рамки на оваа процесна постапка којашто се води против него. МВР има капацитет да ја гарантира неговата безбедност. Ако еден човек толку долго се занимавал со политика, најмалку што може да стори е да ги одложи приватните обврски, ако ги имал, да се врати во Македонија и во законска постапка да ги докаже своите тези на одбрана“,
изјави Тошковски во интервјуто за Телма.
На прашањето дали во МВР или во Обвинителството имало јатаци, односно можни дојавувачи на Артан Груби кои го известиле дека треба да ја напушти земјата, министерот рече дека има истрага за тоа, но дека не може да сподели информации со јавноста.
„Во овој момент не можам да откријам факти во оваа истражна постапка и не е време да се изнесат во јавноста. Да се остави во законита постапка и процес на правда, а за тоа ни треба време и темелна истрага“,
рече Тошковски.
Во врска со полицискиот службеник на Граничниот премин „Блаце“, кој го пропуштил Груби на македонско-косовската граница, Тошковски рече дека направил кардинална грешка со тоа што не го известил предметниот јавен обвинител дека лицето коешто е на стоп-листа сака да ја напушти државата.
„Доколку известил во моментот на запирање, бидејќи има право да задржи некој којшто е ставен на стоп листа, јавниот обвинител ќе дадел напатствија за натамошно постапување – дали ќе обезбедел судска одлука, дали ќе го повикал лицето на разговор, дали ќе кажел дека слободно и дека може да излезе, тоа е негова надлежност. Должност на полицаецот била да го задржи лицето. Тоа е формално правно процедурата којашто би требало да се спроведе за да говориме дека во оваа постапка имаме постапување согласно закон. Но, за жал од страна на полицискиот службеник, којшто му врши проверка на пасош на предметното лице, што е констатирано и со видеозапис, по увид на пасошот, му го враќа, и тој се упатува кон косовскиот граничен премин.
додаде министерот.
По неколку минути службеникот констатирал дека Груби е на стоп-листата и во тој момент презел дејствија од аспект на известување, но не го запрел.