„Сигурно Ахмети не доаѓа во нашите министерства за да контролира сè што потпишуваме и правиме. Не сакам да бидам разбран дека и јас прејудицирам, дека не почитувам презумција на невиност. Да оставиме да се докаже“, одговори потпретседателот на ДУИ на прашањето дали со случаите против Груби (ставањето на „црната листа“ на САД и истрагата за случајот „Лотарија“), всушност, директно е таргетиран лидерот на ДУИ
Моќта и влијанието на Артан Груби доаѓаше од позицијата што ја имаше, а не од блискоста со кого било од партијата. Ова е одговорот на потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, на прашањето дали со случаите против Артан Груби (ставањето на „црната листа“ на САД и истрагата за случајот „Лотарија“), всушност, директно е таргетиран лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со оглед на тоа што Груби беше негова десна рака.
Османи во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 рече дека секој има лична одговорност при вршењето на одредена функција.
„Сигурно Ахмети не доаѓа во нашите министерства за да контролира сè што потпишуваме и правиме. Не сакам да бидам разбран дека и јас прејудицирам, дека не почитувам презумција на невиност. Да оставиме да се докаже. За ’црните листи’ немам коментар. Ги прифаќаме, сметаме дека се добронамерни. Сметаме дека тоа е инвестиција и во ДУИ. Затоа бараме закон за рестриктивни мерки. Во однос на ова со лотарија, барем тоа што го читаме дека водел седница на Влада, се поставуваат преседани што ќе ги парализираат сите следни раководители односно тие што ги водат седниците на Влада бидејќи нема правна сигурност. Ако за водење колективно тело се сноси одговорност, барем тоа што го пишува по медиумите… Ако има други докази, ќе се докаже во правна постапка“,
смета Османи.
Прашан зошто по сигналите и информациите што подолг период доаѓаа до раководството на партијата со сугестии да се оградат од Артан Груби, лидерот Али Ахмети остана глув, Османи одговори дека тоа прашање е за Ахмети – како одлучува и ги бира своите соработници.
„Повторно ќе кажам дека тоа што кој било министер, директор, носител на јавна функција прави во институциите што ги раководи, апсолутно не може да се поврзе со некаква блискост со г. Ахмети. Вие знаете дека тој никогаш немал егзекутивна позиција, иако имал можност да бира каде. Никогаш не прифатил, затоа што тој е политичар што ги води стратешките правци на политиката“,
рече тој.
Главно барање на т.н. „огнена група“ во ДУИ беше Ахмети да се дистанцира од Груби. Од „огнената група“ потоа произлезе Демократско движење на Изет Меџити, а како епилог – ДУИ е во опозиција, Изет Меџити е вицепремиер, а Артан Груби е на „црната листа“ на САД. Па, прашан дали сега Меџити може да каже дека бил во право, Османи одговори:
Османи: Може да каже, бидејќи ако поврзете повеќе точки во една фреквенција, секогаш ќе добиете конспиративна теорија. Јасно е дека „огнената група“ беше борба за превласт во блискоста до Ахмети. Тоа е мој став. Можат да се лутат и колегите што се вратија, но тоа беше – кој ќе биде во Владата, на некој начин. Иако и јас имав забелешки на начинот на кој Груби функционираше во партијата, меѓутоа тоа го канализирав на начин што е институционален, на начин на кој можам да имам влијание.
360: На што имавте забелешка?
Османи: Еве ќе бидам отворен – во однос на монополизирање на одредени функции кои повеќе произлегуваат од карактерот и од амбицијата, без забелешки дека тоа било злонамерно.