Издадена е наредба за обдукција, но наодот сè уште не е готов, велат од обвинителството. Кожурахов бил најден починат во својот автомобил
Се испитува и дали во временскиот период се вршел испуст на вода од ХЕЦ „Тиквеш“ и дали при таков испуст значително се подига водата во Црна Река на критичното место
Основото јавно обвинителство од Кавадарци ги испитува причините за смртта на професорот и декан на Економскиот факултет при Универзитетот „Скопје“, Сашо Кожухаров. Без да го соопшти идентитетот, од обвинителството соопштија дека телото на 64-годишен скопјанец било пронајдено на 16 декември во водите на Црна Река, на територијата на Општината Росоман. Лицето било најдено починато во својот автомобил.
Тоа е истиот ден кога и неговиот матичен универзитет ја соопшти трагичната вест дека починал.
Според обвинителството, веднаш по настанот бил извршен увид на лице место. При првичниот преглед на телото на починатиот, не биле констатирани видливи траги на насилство. Издадена е наредба за обдукција, но наодот сè уште се изготвува и не е доставен до обвинителството. Наредени се и дополнителни лабораториски анализи.
Обвинителството истражува и дали испуштањето вода од браната би можело да биде причина за смртта на скопјанецот.
Со цел испитување на настанот, надлежниот јавен обвинител издаде и барања до мобилни оператори за проверка на листинзи и податоци од базни станици за евентуална телефонска комуникација. Воедно, од АД ЕСМ – Подружница ХЕЦ ‘Тиквеш’ побарани се информации дали во временскиот период на настанот е вршено испуштање вода од браната на хидроелектраната и дали при таков испуст се подига значително нивото на водата во Црна Река на критичната локација.
Врз основа на сите овие наоди и информации, Основното јавно обвинителство Кавадарци целосно ќе го провери настанот.