Премиерот им порача на опозиционерите да си ги коригираат изјавите во јавноста, зашто, како што вели, и самите се збунети
Чуден е тој Фројд, тоа кога потсвеста ти работи затоа што тоа си го правел и сега мислиш дека сите тоа го прават, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар на последните обвинувања на опозицискиот СДСМ, оти бегството на ексвицепремиерот Артан Груби е политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.

На опозиционерите им порача да си ги коригираат изјавите во јавноста, зашто, како што вели, и самите се збунети.
„Еве што, ако се врати, ќе се извинат? Па досега што не измислија. Прво викаа ‘едните отидоа, другите дојдоа’, потоа дека ‘мали риби ловиме’, па сега дека имаме договор со ДУИ. Да не знае човек што да им одговори. Еве, што ако дојде? Еве, не мора денеска да дојде, ќе дојде да речеме за некое време. Чуден е тој Фројд. Кога потсвеста ти работи затоа што тоа си го правел и сега мислиш дека сите тоа го прават. Нека се концентрираат, нека си ги коригираат пораките во јавноста, затоа што и самите се збунети. Една личност различни пораки дава, на различни места“,
рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Изминатите денови опозицискиот СДСМ обвинува оти зад бегството на поранешниот прв вицепремиер и ексминистер Артан Груби стои политички договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Оттаму обвинија дека полицаецот што го пропуштил Груби на „Блаце“ и кој моментално е суспендиран, бил поставен на таа позиција откако Панче Тошковски станал министер. Обвинија и дека мобилната екипа на МВР што била поставена на граничниот премин три дена пред бегството на Груби воопшто не знаела кого треба да стопира.
