Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата, бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот
Адвокатот на Артан Груби, по кого е распишана меѓународна потерница за проневера на пари во „Државна лотарија“ поднел жалба на одлуката за притвор, потврдуваат од Кривичен суд-Скопје.
По поднесената жалба од адвокатот на Груби, од Кривичен велат дека одлука ќе се донесе во следните денови.
Пред Министерството за внатрешни работи да ги објави меѓународните потерници распишани по поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, Кривичниот суд им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното обезбедување во земјата, бидејќи во моментов не се достапни за органите на прогонот.
Груби и Бајрами се осомничени дека како соизвршители и одговорни лица во АД „Државна лотарија“, вршејќи ги своите посебни овластувања и должности, во 2023 година направиле штета на акционерското друштво со намера противправно да прибават буџетски средства на Лотарија во износ од над осум милиони евра. Обвинителството ги сомничи за кривичното дело проневера во службата.
Доцна вечерта во неделата Груби на својот фејсбук-профил напиша дека бил во приватна посета на Косово и дека не е избеган од државата.
Напуштањето на државата од Груби неделава е тема за политички препукувања меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ.
Околу заминувањето на Груби преку граничниот премин „Долно Блаце“ денеска од СДСМ рекоа дека еден од полициските службеници, кој вчера беше суспендиран и против кого е поведена дисциплинска постапка, е поставен на таа позиција Тошковски станал министер.
На ваквите обвинувања реагираше министерот Тошковски кој рече дека Министерството за внатрешни работи (МВР) поседува видео-запис на којшто јасно се гледа повреда на закон и повреда на стандардни оперативни процедури од страна на полицискиот службник којшто бил на смена во рамки на граничната полиција во моментот кога Артан Груби ја напуштил државата.
Според премиерот Мицкоски, со самото тоа што некој е бегалец и не е достапен на органите на прогон, тој потврдува дека е виновен.