Од опозициската партија во реакцијата велат дека ваквите информации наидуваат на потсмев кај граѓаните и најавуваат дека денеска ќе објават сериозни индиции и нови „случајности“ кои отвораат сомнеж за вмешаноста на МВР во бегството на Груби
„Министре, батериите ли се криви за бегството на Груби“ – гласи прашањето што опозицискиот СДСМ утрово го упати до ресорниот министер Панче Тошковски, а се однесува на вчерашното соопштение од МВР за утврдените пропусти на граничниот премин „Долно Блаце“ преку кој поранешниот прв вицепремиер, сега осомничен во случајот „Лотарија“, ја преминал границата и заминал за Косово.
За пропустите, како што информира вчера Министерството за внатрешни работи, дисциплински ќе одговараат двајца полициски службеници на преминот. Едниот затоа што не ги извршил потребните проверки, иако за Груби имало активна мерка „задржи и веднаш извести“, а другиот, кој бил раководител на смена, ги задолжил колегите со Мобилен систем за снимање со камери (МССК) со испразнети батерии.
Од опозициската партија во реакцијата велат дека ваквите информации наидуваат на потсмев кај граѓаните и најавуваат дека денеска ќе објават сериозни индиции и нови „случајности“ кои отвораат сомнеж за вмешаноста на МВР во бегството на Груби.
„Дали министерот за внатрешни работи Тошковски конечно ќе преземе одговорност за катастрофалното функционирање на МВР и бегството на Груби? Последните информации за бегството на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, каде што ‘батериите’ на камерите не работеле токму кога тој ја напуштал границата предизвика потсмев од граѓаните. До кога министерот ќе ја замајува јавноста и кога планира да признае дека ова е договорено бегство?“,
прашуваат од СДСМ.
Опозициската партија и вчера излезе со обвинувања дека зад бегството на поранешниот вицепремиер Артан Груби потенцијално стои политички договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ.
Повикувајќи се на информации добиени од свиркачи, организацискиот секретар на СДСМ, Мартин Костовски, на прес-конференција изјави дека МВР имало поставено полициска контрола на кружниот тек пред Граничниот премин „Блаце“ на денот кога Груби заминал од земјава, а оти контролата била таму најмалку три дена пред настанот, што, според партијата, јасно укажува дека постоеле сомнежи за бегство.
„Но, според нашите информации, полициската контрола, мобилната единица на МВР, не знаела кого треба да очекува или кого треба да стопира. Тие добиле информација дури откако Груби ја напуштил државата. Ова јасно потврдува две можни сценарија – или биле целосно неспособни да го спречат или, пак, второ и поверојатно, намерно не го спречиле. Дали Тошковски ќе каже искрено која е причината што Груби дента кога требало да се обелодени истрагата слободно ја напушта земјата, а акцијата на МВР за негово спречување е нарушена?“
изјави вчера Костовски.
Груби и ексдиректорот на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, од вчера се и официјално бегалци, откако Министерството за внатрешни работи по нив распиша меѓународна потерница по барање на Основното јавно обвинителство Скопје.
Двајцата се осомничени во случајот „Лотарија“ 2023 година, заедно со уште четири лица, за проневера на над осум милиони буџетски средства во Државна лотарија. Претходно Кривичниот суд во Скопје им одреди 30-дневен притвор, кој ќе почне да се спроведува по нивното пронаоѓање и лишување од слобода.