Поранешниот премиер вели дека во текот на неговото работење и како претседател на Владата и како заменик-министер за финансии секогаш се водел од законите и работел во согласност со процедурите
Немам на ниту еден начин учествувано во работењето на кое било јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост, вели поранешниот премиер Димитар Ковачевски.
Коментарот на Ковачевски доаѓа откако во понеделникот министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на прес-конференција објави дека поранешниот премиер и генералниот секретар на Владата се дел од лицата против кои се поднесени кривични пријави за сторени кривични дела што довеле до поголема штета на буџетот во случајот „Лотарија“.
Иако од МВР не излегоа со имиња и со иницијали, но најголем дел од медиумите веќе пишуваа дека станува збор за поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, и ексгенсекот на Владата, Методија Димовски.
„Со оглед на тоа што секој избран и именуван функционер што вршел функција треба да биде отчетен и работењето треба да биде на увид на сите институции. Во однос на информациите што се пласирани во јавноста, тие се информациите со кои и јас располагам бидејќи не сум бил контактиран од институциите. Се надевам дека институциите целиот тој процес ќе го водат на непристрасен и на професионален начин, така како што треба. Она што можам да го кажам е дека во текот на моето работење и како претседател на Владата и како заменик-министер за финансии сум се водел секогаш од законите, секогаш сум работел во согласност со процедурите. Немам на ниту еден начин учествувано во работењето на кое било јавно претпријатие или акционерско друштво во државна сопственост“,
изјави денеска Ковачевски во Собранието одговарајќи на новинарско прашање.
На прашањето дали му е страв од можна кривична одговорност, бидејќи во неговиот мандат биле овие договори што сега се дел од кривична постапка, Ковачевски рече дека целото работење е достапно на институциите и оти седниците на Влада се колективни тела каде што се носат одлуки и се во согласност со законите.
Денеска и од неговата партија СДСМ реагираа на изјавите од министерот во врска со експремиерот Ковачевски.
Од СДСМ велат дека Тошковски намерно се обидел да го вметне експремиерот Димитар Ковачевски во случајот со Артан Груби и Перпарим Бајрами со тоа во јавноста била создадена конфузија.
Републичкото јавно обвинителство вчера излезе со појаснување во кое се вели дека поранешен премиер и ексгенерален секретар на Владата не се опфатени во истрагата за случајот „Лотарија“, но и дека кривичната пријава поднесена против нив не е отфрлена.