Освен за убиство, од Обвинителството посочуваат дека обвинетиот ќе одговара и за недозволено поседување на оружјето со кое го извршил делото. Се работи за полуавтоматски пиштол марка „глок 17“, без фабрички број, калибар 9 мм
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе обвинение за убиство и убиство во обид против лицето што на 20 август годинава го изврши убиството зад Трговскиот центар „Мавровка“ во Скопје.

Обвинетиот, како што посочуваат од ОЈО Скопје, од користољубие со истрел од пиштол го усмртил оштетениот Васил Ефтимов по што со пиштолот ѝ се заканил и на неговата сопруга. Од неа ја одзел торбата што ја носела на рамото и гајба покриена со шаторско крило во која имало различен рачен алат, а која ја имале во возилото.
„Потоа во автомобил со белгиски регистарски ознаки избегал кон Гази Баба. Подоцна во текот на истиот ден, кога полициски службеници го пресретнале обвинетиот заедно со уште едно лице во автомобил на улицата ‘Стојна Стефкова’ во Скопје, тој излегол од совозачката врата и кон четворицата полицајци испукал 3 проектили во обид да ги лиши од живот“,
се додава во соопштението на Обвинителството.
Во самоодбрана, полицајците со службено оружје испукале неколку предупредувачки проектили во воздух, по што успеале да го совладаат обвинетиот, кога тој го фрлил пиштолот и бил уапсен.
Освен за убиство, од Обвинителството посочуваат дека обвинетиот ќе одговара и за недозволено поседување на оружјето со кое го извршил делото. Се работи за полуавтоматски пиштол марка „глок 17“, без фабрички број, калибар 9 мм, кој обвинетиот го поседувал без дозвола.
Обвинителството предложи и продолжување на претходно определената мерка за обвинетиот.