Во врска со разбиената терористичка група на подрачјето на Гостивар и Струга, Мицкоски нагласи дека ќелијата подготвувала терористички напади, не само во земјата, туку и пошироко и како што посочи, била разбиена заедно со партнерите
Уште неколку други лица од поранешната влада се дел од истрагата за криминални дејствија во „Државна лотарија“, откри вечерва во интервју за ТВ 21, премиерот Христијан Мицкоски.
„Постојат и такви информации, дека и други високи функционери се дел од оваа истрага. Министерството за внатрешни работи заедно со Јавното обвинителство постапува по овие случаи врз основа на доказите со кои располага за кои постои основано сомневање дека овие лица направиле големи кривични дела“,
рече Мицкоски во емисијата „Клик плус“.
Тој додаде и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби кој е осомничен во овој случај, заедно со уште едно лице, со дипломатско возило вчера ја напуштил земјава и заминал во Косово.
Во врска со разбиената терористичка група на подрачјето на Гостивар и Струга, Мицкоски нагласи дека ќелијата подготвувала терористички напади, не само во земјата, туку и пошироко и како што посочи, била разбиена заедно со партнерите.
„За оваа ќелија постоеше основано сомнение дека се подготвуваат напади кои имаат цели во државата, би рекол терористички напади, и ова е една од многуте ќелии кои се активни во регионот. Но таа е сега обезбедена и елиминирана барем кај нас. Претпоставувам дека другите држави ќе бидат оперативни во деновите кои следат и ќе ги елиминираат. Заедно со нашите партнери ја неутрализиравме“,
рече тој.
Премиерот ја коментираше и акцијата на МВР за разбивање на криминалната група Беланоца/Барон.
„Полициската акција против криминални структури кои што изминативе години, децении би рекол се присутни низ градовите во државава, односно станува збор за група која што има основани сомненија дека е поврзана со многу сторени криминални дела меѓу кои и убиства“,
рече тој.
Мицкоски додаде дека според информациите со кои располага, со оваа полициска акција се расветлени седум убиства во Македонија.
„Можам да кажам дека врз основа на доказите кои што се прибавени станува збор за најсложена полициска акција во историјата на Македонија и акција која што ќе обелодени и ќе разјасни убиства кои што се случени изминатите години. До овој момент јас располагам со информација дека се расветлени седум убиства сторени од оваа група“,
рече премиерот Мицкоски.