Според американската амбасадорка, веројатно никој во земјава, ниту граѓаните ниту судството, не бил изненаден кога го виделе името на Артан Груби на „црната листа“. Сите во оваа држава, како што вели, знаат кој е корумпиран
Воопшто не бев изненадена, бев многу задоволна – вели американската амбасадорка Анџела Агелер во интервју за „Слободен печат“ на прашањето дали била изненадена кога го видела името на поранешниот прв вицепремиер, ексминистер и висок функционер од ДУИ, Артан Груби, на „црната листа“ на САД.
„Бев многу задоволна и што Вашингтон можеше да го објави соопштението на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, на 9 декември“,
вели Агелер.
Според амбасадорката, веројатно никој во земјава, ниту граѓаните ниту судството, не бил изненаден кога го видел името на Груби на „црната листа“. Сите во оваа држава, како што вели, знаат кој е корумпиран.
„И јас и вие знаете, искрено, дека ова е нешто за кое тесно соработувавме со Вашингтон за да го обработиме. Поминаа многу, многу месеци. Така што, воопшто не бев изненадена. Бев многу задоволна“,
додава американската амбасадорка во изјавата за „Слободен печат“.
На прашањето зошто повеќето високи функционери, како Сашо Мијалков, Никола Груевски, Кочо Анѓушев, а сега и Артан Груби, се најдоа на „црната листа“ откако ја напуштија функцијата, а не додека беа актуелни функционери, Агелер вели дека тоа не е одлука, туку прилично долг процес на кој работи Вашингтон.
„Вашингтон работи со амбасади, со нашата амбасада овде, на пример, што помага да се состави пакет информации за поединци, за кои веруваме дека локално учествувале во криминална корупција. Тоа е прилично долг процес. И некој, амбасадата, или која било амбасада во светот, може да состави пакет за поединец, и тоа може да потрае повеќе месеци до неколку години, во зависност од комплицираноста на случајот. Така што, за нас тоа никогаш не е политичко прашање. Ме прашаа дали ова е одговор на различни политички активности во текот на минатата недела или месеци. И одговорот е не. Нашиот процес не функционира така“,
вели амбасадорката.
Намерата на САД, како што вели, не е да се вклучат во политиката. Ако случајот за Груби беше завршен додека е тој на функцијата, Агелер вели дека би бил објавен во тој момент, но не бил.
Во оваа смисла вели дека за САД функционерите немаат каков било имунитет додека се на позицијата.