Таа вели дека на работниците им биле давани за принудно потпишување бланко листови од страна на работодавачите, кои пријавуваат дека работат со загуба
Пристигнати се пријави за злоупотреба на исплатата на К-15 или регресот за годишен одмор во реалниот сектор, вели Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“. Само во текот на вчерашниот ден, како што додава Ампева, до „Гласен Текстилец“ пристигнале пријави од пет големи компании во земјава, кои вработуваат над 2 000 работници.
Таа вели дека на работниците им биле давани за принудно потпишување бланко листови од страна на работодавачите, кои пријавуваат дека работат со загуба. Ампева вели дека на тој начин овие работодавачи сакаат да го заобиколат законот и да исплатат К-15 во износ од 2 000, 1 000, 500, но и 100 денари.
„Во самиот Закон за работни односи, не во колективните договори да си стои, сумата 40 отсто од просечна плата, меѓутоа не смее да се наведе износот кој не смее да биде под таа сума. Тоа е единствен начин да се запрат злоупотребите на грбот на работниците, а од страна на синдикатите. Овде не можам да ги обвинам Организација на работодавачи, бидејќи тие си го бранат сопствениот капитал“,
вели Ампева.
Таа смета дека казните се минимални за работодавачите и оти единствено што може државата да направи е Управата за јавна приходи да направи контрола во компаниите кои пријавиле загуба, за да исплатат помала сума на регрес за годишен одмор.
„Казните во време на претходната власт на работодавачите им дадоа ветер во грб за да ги кршат законите. Ете тоа е Законот за прекршоци, затоа да не ги гледаме казните, туку да ја натераме УЈП, за оние кои пријавиле загуба и оние фирми кои исплатиле сума пониска од 16 800 денари да проверат за какви загуби се работи. Дали се работи дека некој газда си купил ново ‘порше’, нова вила, стан, треба да се провери тој момент. Вообичаено тие сега пријавуваат загуба, со тоа што ќе го обноват нивниот личен возен парк“,
вели Ампева.
Ампева упатува апел до работниците да не потпишуваат никакви бланко листови, да не дозволуваат блиски лица на работодавачот да преговараат во нивно име и ги советува дека без потпис работодавачот нема право да исплати помал износ од 16 800 денари или воопшто да не исплати К-15.