Ова е „најскапото“ оро за време на ковид-19 епидемијата. 30 000 евра казна побара јавното обвинителство за 30 гевгеличани кои за Велигден го прекршија полицискиот час.
Овие снимки се од „најскапиот“ протест за време на ковид-19 епидемијата. Првичните 15 000 евра за три лица од Сингелиќ кои го прекршија полицискиот час, пораснаа на 95 500 евра запретени казни, кога стигнаа пријавите за 23-ца од оние што протестираа за ослободување на првично приведените.
Литијата во Струга е третиот најмасовен настан каде не се почитуваа анти-ковид-19 мерките. Дали и тој ќе добие префикс „скап“, ќе зависи од истрагата на струшкото обвинителство.
Иако јавно најекспонирани, во овие настани учествуваа незначителен дел од вкупниот број лица кои се казнети за прекршување на мерките против епидемијата.

До средата обвинителствата низ земјата предложија парични казни за 1 982 лице. Вкупната вредност е најмалку 2,84 милиони евра, бидејќи во дел од пријавите обвинителите оставиле на судот да одреди колкава ќе биде паричната казна.
Најголем дел од казните – 93,5%, се поради прекршување на полицискиот час. 6% од пријавите се поради прекршување на задолжителна самоизолација, додека само 0,5% се казни за угостители.
Портпаролката на државното јавно обвинителство, Елизабета Недановска, вели дека за прекршување на здравствените прописи, обвинителот поднесува или обвинителен предлог или, како што е најчесто случај – предлог за издавање казнен налог.

„Онаму каде што е евидентно дека определено лице го сторило кривичното дело, каде што доказите се многу експлицитни и многу јасни, нема потреба од одолговлекување на постапката. Во такви ситуации јавниот обвинител до судот доставува предлог за издавање на казнен налог“,
вели Елизабета Недановска, портпаролка на ЈОРСМ.
Но, иако „на прва“ се чини дека ковид-19 може да донесе и пари во Буџетот, тоа не е баш така. Откако во скратена постапка судот ќе изрече казна, што најчесто е сумата предложена од обвинителството, осуденото лице има три опции.
Првата опција е да ја плати казната, со што постапката завршува.
Втората опција е да не ја плати казната во дадениот рок, што автоматски се преиначува во казна затвор, според бројот на дневни глоби.
Третата опција, за која осудените имаат осум дена, е да поднесат приговор.

„Тогаш веќе, постапката продолжува како редовна постапка пред надлежните судови, односно се закажува главна расправа, односно се постапува како да е обвинителен предлог во прашање и предлогот кое го дало јавното обвинителство, нормално за натамошна санкција си продолжува во редовно постапување“,
вели Елизабета Недановска, портпаролка на ЈОРСМ.
Засега нема релевантна статистика – колку осудени платиле, колку можеби ќе одлежат некоја недела затвор или, пак, поднеле приговор. Искуството од Кавадарци, на пример, говори дека сите 40 лица осудени на парични казни по пријави кои стигнале во март и во април, поднесуваат приговор.

„Казнените налози претставуваат една новина во нашиот кривично-правен систем затоа што со овој Закон за кривична постапка тие влегуваат во оној систем коишто се нарекува забрзани постапки… Обвинетото лице за првпат се запознава со самата постапка дури кога ќе ја добие пресудата и затоа се оди на најлесните кривични дела, до пет години, се со цел да бидат запазени и почитувани човековите права и слободи, односно правото на осуденото лице да може во секој момент да приговара доколку смета дека се повредени неговите права. И тука се и најголемите противници токму и на опстанокот на овој институт – казнен налог“,
вели Лазар Нанев, претседател на Основниот суд Кавадарци.
Во помал дел приговорите во Кавадарци се однесуваат на висината на изречената глоба. Според Нанев, дел од казните се навистина високи.
„Цело семејство од седум члена, предложена мерка, односно издавање на казнениот налог за секој поединечно по 3 000 евра. Замислете сега, хипотетички, 7 по 3 000 = 21 000 евра, Буџетот можеби ќе се наполни, меѓутоа овде сигурно дека немаме правда и правичност во таквата ситуација, ако ги имаме во предвид економските и социјалните аспекти“,
вели судијата Нанев.
Во најголем дел, приговорите во Кавадарци се од патници и камионџии кои доаѓале од странство. Адвокатот Димитар Петков има поднесени приговори за тројца клиенти со таква „приказна“.
Двајца од нив се професионални возачи кои на граница потпишале изјави за самоизолација, но полицијата им тропнала на врата за проверка, пред да стигнат до дома.

„Професионални возачи на камиони коишто поради начинот на извршување на своите работни обврски не се во можност веднаш по влегувањето во Република Македонија со своите товарни возила да се упатат на местото каде што ќе бидат подложени на самоизолација. Туку, одат до бараната дестинација да ја истоварат робата или стоката што ја превезуваат. Во моментот не можат, поради завршување со работното време, фирмите не можат веднаш да ја истоварат робата, ги задржуваат до утредента. А во меѓувреме, на граничните премини дојавуваат до полициските станици, конкретно до Кавадарци од општа надлежност, за да извршат проверка и контрола дали лицето кое дало изјава на влез во Република Македонија е на местото на кое навело дека ќе ја спроведува таа самоизолација“,
вели Димитар Петков, адвокат од Кавадарци.
Третиот клиент на Петков се жали дека е казнет зашто не седел во самоизолација, иако не потпишал таков документ.
„Истиот, кој го пречекал својот син од САД, не ја поминал границата, го пречекал на нашата македонска-бугарска граница, Деве Баир. Побарал и прашал од царинските и полициските службеници дали е потребно истиот да потпише изјава за самоизолација. Воопшто не му било наведено или побарано да потпише таква изјава за самоизолација, туку му била побарана само лична карта за да биде легитимиран“,
вели Петков.
За дел од своите случаи Петков ќе ги бара за сведоци службениците на граничните премини. Во кавадаречкиот суд го очекуваат тоа и за други предмети.

„Очигледно е дека ќе имаме сериозни потешкотии да ги обезбедиме службените лица. Тие се по два-тројца на смена. Треба да бидат повикани за секој предмет поединечно, што значи дека ќе треба одреден временски период за нивно доведување во судот и нивен распит во доказната постапка“,
вели претседателот на Основниот суд во Кавадарци, судијата Лазар Нанев.
Нанев не се сомнева дека и кавадаречкиот и другите судови ќе имаат капацитет да се справат со приливот на случаи. Сепак, има резерви.
„Моето мислење е дека од аспект на исполнување на заштитната функција, од аспект на целата оваа состојба, земајќи ги во предвид економските и социјалните состојби, за многу кратко време после донесувањето на овие одлуки дека било која власт, односно властите во нашата држава, очекувам дека ќе биде донесена одлука за амнестија“,
додава Нанев.
Можна амнестија за овие случаи не доаѓа предвид за јавното обвинителство.

„Секако дека не. И тука не ја земам само во предвид обемната работа којашто е вложена од страна на јавните обвинители. Ќе се навратам повторно на доброто кое го заштитуваме со сите наши постапувања и повторно, во законски дадените рамки… овде имаме кривично дело коешто директно ни напаѓа во едно општествено добро. Би рекла, доколку би ми дозволиле да се изразам така, каде што станува збор за една несовесност во постапувањето на граѓаните“,
изјави Елизабета Недановска, портпаролка на Јавното обвинителство на РСМ.
Идејата за амнестија на прекршителите на здравствените мерки веќе влезе на политичката сцена. Ја пласираше Зијадин Села, за кого главен аргумент е економската немоќ на граѓаните.

„Мислам дека Владата треба да предложи амнестија за сите казни кои се напишани досега, затоа што има голем број граѓани кои се казнети. Истовремено, ги повикувам да ги почитуваат владините мерки, тие се за доброто и здравјето на граѓаните“,
изјави во гостување на „360 степени“ лидерот на Алијанската за Албанците, Зијадин Села.

Како и да завршат предметите со казнените налози, од актуелните нецелосни статистики е јасно дека Буџетот нема веднаш да види значителен ќар. Всушност, може да се случи и спротивното – ако има голем број приговори и ако осудените не ги плаќаат казните и по правосилна пресуда, тогаш ќе се наполнат затворите, макар на краток период.