„Лицето е осомничено за друго кривично дело и тој во моментот не е достапен за органите на прогонот. Осомничен е за учество во палање на објект во Кисела Вода, дело за кое во притвор се веќе две лица“, соопшти шефот на ОЈО Скопје, Гаврил Бубевски, на денешниот брифинг со новинарите
Гоце Трајковски, еден од клучните сведоци во случајот за грабнувањата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, е осомничен за палање на угостителски објект во скопска Кисела Вода и се наоѓа во бегство.
Ова беше кажано на денешниот брифинг во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија на кое обвинители од целата држава одговараа на новинарски прашања за предмети кои изминатиов период предизвикуваат интерес во јавноста.
Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, водел паралелна истрага по исчезнувањето на девојчето, прибирајќи и прегледувајќи снимки од камери, за овие активности првично требаше да сведочи на рочиштето за предметот што се одржа на 15 ноември.
Но, тој тогаш не се појави, а оправдувањето беше дека имал паничен напад и висок притисок.
Два дена пред овој датум, Трајковски, според скопското Основно јавно обвинителство, учестувал во опожарување на угостителски објект лоциран во станбен објект во кој имало станари.
„Лицето е осомничено за друго кривично дело и тој во моментот не е достапен за органите на прогонот. Осомничен е за учество во палање на објект во Кисела Вода, дело за кое во притвор се веќе две лица“,
соопшти шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Гаврил Бубевски, на брифингот.
Известувањето дека Трајковски е во бегство, Обвинителството го добило вчера.
Инаку, Трајковски е син на поранешната директорка на „Фершпед“, Кираца Трајковска, која на 15 декември сведочеше во Судот во рамките на истиот предмет. Трајковска пред судот тогаш кажа дека нејзиното семејство е во стара кумовска врска со семејството на Александар Ѓорчевски и затоа побарала од нејзиниот син да помогне во потрагата по девојчето.
За отворањето на истрагата за палењето на објектот Основното јавно обвинителство преку соопштение информира на 17 ноември, а во него се вели дека настанот се случил во раните утрински часови на 13 ноември.
„Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против две лица, а по уште едно трага во врска со намерно опожарување на угостителски објект – кафуле на улицата ‘Христо Татарчев’ во Кисела Вода. На 13 ноември, околу 3 часот наутро, тројцата со пожар предизвикале имотна штета од поголема вредност во износ од околу 450 илјади денари. Со оглед на тоа што кафулето е лоцирано во поголема станбена зграда, постоела опасност тие со пожарот да предизвикаат и значителна опасност за животот и телото на станарите“,
се вели во соопштението на Обвинителството.
Бидејќи Трајковски е во бегство, сега во прашање се доведува и неговото сведочење на судењето за двојното убиство. Во врска со ова, јавниот обвинител Бубевски рече дека има две распложливи опции јавноста да го чуе неговиот исказ.
„Законот за кривична постапка предвидува читање на исказот даден во истражна постапка доколку лицето не е достапно на органите на прогон. Значи по него се трага и не значи дека така ќе биде. Во моментот може да биде фатен и да си даде исказ во постапката во која е сведок. Но, постои таа можност предвидена во ЗКП, неговиот исказ даден во истрагата да се прочита цел на главната расправа“,
рече Бубевски.
На брифингот беше поставено и прашањето како Трајковски како приватно лице шетал низ градот и собирал снимки, надлежната обвинителка во случајот рече дека тие не се повикани на одговоро на ова прашање, затоа што снимките што тие ги имаат се обезбедени легално со наредба до Министерството за внатрешни работи.
„Тоа е делот за кој ние можеме да зборуваме, а за тоа кој ги давал снимките на физичкото лице не можеме да одговориме“,
рече обвинителот.
Во однос на мотивот поради кој е убиена Вања – користољубие, прашана зошто некој би го убил детето веднаш по грабнувањето, обвинителката повика на трпение до крајот на судењето.
„Точно е дека предмет засега е и делот со користољубие, но бидејќи Обвинителството тргнало со докажување на овој дел како елемент на кривично дело, да бидеме трпеливи и видиме до крајот на судската постапка дали ќе успееме да го докажеме. Со оглед на тоа дека сме поднеле вакво обвинение, Обвинителството смета дека ќе има доволно докази“,
рече обвинителката.
Следното рочиште за случајот со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски е закажано за 16 декември.