Името на Ковачевски, според шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, последно испливало во истрагата и тоа само неколку дена пред спроведувањето на акцијата „Адитив“, која почна вчера
„Како име и како осомничен тој е последен произлезен, не бил пријавен ниту во Основното јавно обвинителство Битола. Откако Обвинителството обезбедува докази и спроведува постапка, тој се појавува како осомничен“, рече Абази
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во моментов нема докази дека ексдиректорот на „Електрани на Северна Македонија“, Васко Ковачевски, бил дел или учествувал во создавањето на групата осомничена за криминал тежок 6,5 милиони евра.
Ковачевски, кој во моментов не е достапен за органите на прогонот бидејќи се наоѓа надвор од државата, е опфатен во истрагата за случајот под кодно име „Адитив“, но не е осомничен за ниту едно од кривичните дела за кои се товарат другите дваесет и двајца.
Имено, како што беше соопштено на денешниот брифинг со новинарите во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, Ковачевски е осомничен за кривичното дело несовесно работење во службата, за разлика од другите, чиј опсег на кривични дела што им се ставаат на товар оди од злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело.
Името на Ковачевски, според шефот на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, последно испливало во истрагата и тоа само неколку дена пред спроведувањето на акцијата „Адитив“, која почна вчера, а како што беше кажано, сè уште трае.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со предметот, Абази рече дека на почетокот на прибирање сознанија во врска со наводите за сторен криминал, покрај неговото, работело и Основното јавно обвинителство во Битола, а активности имало и во кичевското Основно јавно обвинителство.
Откако дошле до сознанија и докази за отворање истрага, произлегло дека може да дојде до преклопување на постапките и судир на надлежностите меѓу обвинителствата.
Поради ваквата ситуација, со одлука на републичкото Јавно обвинителство било решено дека според корпусот на собрани сознанија и докази надлежно за случајот треба да биде Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Инаку, шефот на ОЈО ГОКК ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање зошто било дозволено ексдиректорот на ЕСМ, Ковачевски, да избега и дали се преземаат мерки за негово обезбедување, односно пронаоѓање.
„Како име и како осомничен тој е последен произлезен, не бил пријавен ниту во Основното јавно обвинителство Битола. Откако Обвинителството обезбедува докази и спроведува постапка, тој се појавува како осомничен“,
рече Абази.
Во однос на можната локација на Ковачевски, на брифингот беше кажано дека, Обвинителството не знае каде тој се наоѓа.
Абази потврди и дека против Ковачевски имало уште една пријава од 2020 година, но, како што објасни, тогашниот и сегашниот случај не се поврзани.
„Точно е дека за Ковачевски сме имале кривична пријава, сме ја реферирале до републичкото јавно обвинителство и сме донеле решение за нејзино отфрлање. Поднесена беше жалба до Вишото јавно обвинителство кое ни го врати предметот со одредени напатствија. Постапивме по напатствијата и повторно ја отфрливме пријавата. Сега повторно Вишото обвинителство го врати предметот на одлучување и во тек е постапката. Ќе ги разгледаме напатствијата и ќе донесеме соодветна одлука“,
рече Абази.
Инаку, информирајќи за случајот, шефот на ОЈО ГОКК рече дека денеска е побаран притвор за деветмина од осомничените, за 13 лица се предложени мерки на претпазливост. Предложени се мерки за замрзнување имот за пет осомничени лица. Сите 77 претреси реализирани за време на акцијата завршиле успешно, рече Абази, а во рамките нив се запленети вкупно 208 000 евра, уесбеа, компјутери, лаптопи, а денеска било запленето и едно возило, марка „бе-ме-ве“.
Во однос на осомничените, конкретно во делот каде што одговараше на прашањето за ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, шефот на ОЈО ГОКК кажа:
„Не значи дека тука е завршено со постапувањето, може да има и други осомничени“.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека ексдиректорот на ЕСМ, Ковачевски, не е достапен за домашните органи на прогон, но оти полицијата ќе стори сè што е рамките на нејзините надлежности тој да биде изведен пред лицето на правдата.
Тошковски ова го кажа прашан во врска со шпекулациите дека Ковачевси наводно се откажал од македонското државјанство.
„Посоченото лице е во рамките на регистарот на државјани на Македонија и е македонски државјанин. Согласно информациите што ги поседувам, не побарало отпуст. Не би сакал да шпекулирам каде се наоѓа и би оставил органите на прогонот да постапуваат“,
рече тој.
Попладнево од Основниот кривичен суд соопштија дека на осуммина од осомничените во акцијата „Адитив“ им е одреден триесетдневен притвор, а меѓу кои е ексдиректорот на ЕСМ, Васко Стефанов, кој го наследи Ковачевски на функцијата. На едно лице за кое Обвинителството бараше притвор, според судот, му е одреден куќен притвор поради неговата возраст и преземените дејствија за кои тој се товари.
Како што информираа од Кривичен, судијата на претходна постапка го прифатил предлогот на ОЈО ГОКК за другите 13 лица и на сите им одредил мерки за претпазливост, односно одземање на пасошите, обврска повремено да се јавуваат во судот, забрана за одржување и воспоставување контакти, забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело.
За Васко Ковачевски од Обвинителството се предложени мерки на претпазливост, но судот за тоа ќе одлучува откако тој ќе биде обезбеден од органите на прогонот.
„Што се однесува до осомничениот В.К., кој до овој момент не е лишен од слобода ниту е спроведен или се јавил во судот, до Основниот кривичен суд Скопје, надлежниот јавен обвинител достави предлог за определување мерки за претпазливост согласно член 146 став 1, точка 2, 3. и 6., односно одземање патна исправа, обврска повремено да се јавува во судот и забрана за одржување и воспоставување контакти, за кои судот дополнително ќе одлучува откако тој ќе биде обезбеден од органите на прогон. Јавноста треба да биде запознаена дека согласно законските одредби судија на претходна постапка не може да определи построги мерки за обезбедување присуство од мерките што ги предлага јавниот обвинител“,
се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
За потсетување, од Обвинителството вчера соопштија дека во период од 13.4.2023 до 23.8.2024 година дел од осомничените во својство на службени лица во АД ЕСМ и АД „Пошта на Северна Македонија“ создале група која имала за цел вршење кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари и други приноси од казниво дело предвидено и казниво по чл. 273 од Кривичниот законик.