Според комесарката на њујоршката полиција Џесика Тиш, кај Манџоне бил пронајден рачно изработен пиштол со придушувач, што одговара на оружјето што се користело за пукање во 50-годишниот Томпсон

Њујоршката полиција го уапси 26-годишниот Луиџи Манџоне во Алтуна, Пенсилванија, кој е осомничен за убиството на извршниот директор на најголемата приватна компанија за здравствено осигурување во САД, „Јунајтед хелткер“ (UnitedHealthcare), Брајан Томпсон, пренесува „Гардијан“.
Според комесарката на њујоршката полиција Џесика Тиш, кај Манџоне бил пронајден рачно изработен пиштол со придушувач, што одговара на оружјето што се користело за пукање во 50-годишниот Томпсон.
Тој бил уапсен во ресторан на „Мекдоналдс“ откако го препознал еден од муштериите. Кај него биле пронајдени пиштол со придушувач, што одговара на оружјето што се користело за пукањето во Томпсон и рачно напишан документ во кој се критикуваат здравствените компании дека профитот го ставаат над здравјето на пациентите.
Тој наводно напишал дека паразитите го добиле она што го заслужиле и дека се извинува за траумата што ја предизвикал, но морало да се направи тоа, објави Си-ен-ен повикувајќи се на полицаец кој го видел документот.
„Денес во 9:14 часот, полицајците во Алтуна беа испратени во ресторанот на ’Мекдоналдс’ по пријави за маж кој одговара на описот на осомничениот за убиство на извршен директор на ’Јунајтед хелткер’. Полицајците стапиле во контакт со мажот кој потоа бил уапсен. Во овој момент, полицискиот оддел во Алтуна соработува со локалните, државните и федералните агенции“,
се вели во соопштението од локалната полиција.
Вооружениот напад над Томпсон се случи на 4 декември околу 7 часот според локално, односно 15 часот по средноевропско време, пред хотелот „Хилтон“ на Менхетен, каде што извршниот директор присуствувал на денот на инвеститорите на компанијата.
Според информациите, 50-годишниот Томпсон бил застрелан во градите и веднаш по нападот е пренесен во болница, каде што е констатирана смрт.
