- Изработка и печатење на доверлив изборен материјал
- Транспорт на материјал и на членови до избирачките места
- Средства за проверка како УВ-спрејови, лампи и легитимации
- Беџови за лицата ангажирани за спроведување на изборите
- Пат и сместување на членовите на избирачките одбори во дипломатско-конзуларните претставништва
Ова се петте тендери со кои Државната изборна комисија (ДИК) на јавни огласи барала фирми кои по најниска цена ќе ги испорачаат бараните добра. Но, сите се поништени, од различни причини.

Постапката за изработка на легитимации, беџови, УВ-лампи и спрејови е прекината поради промени во буџетот, иако понудувачите не ги исполнувале и техничките спецификации. Тоа што е пробиен рокот од 10 дена за објавување на поништувањето, за ДИК не е проблем.
„Објавата во електронскиот систем за јавни набавки се прави откако ќе се донесе соодветна одлука за јавната набавка, до моментот за донесување на одлуката за јавни набавки има одредени рокови кои ги следи самата постапка, нели рок за евалуација на понуди, рок за донесување и рок за жалба за економските оператори. Сите овие јавни набавки веќе се реобјавија“,
вели Адмир Шабани, портпарол на Државната изборна комисија.
Јавната набавка за транспорт на гласачкиот материјал и на членовите на избирачките одбори ја поништила Државната комисија за жалби по јавни набавки. Таа уважила жалба на фирма која не го добила тендерот, оти победникот не го поседувал потребното искуство за организиран превоз и немал важечка лиценца за вршење јавен превоз и во земјава и во странство.
„Некогаш се случуваат и пропусти…
-Но сепак, ДИК е сериозна институција, доверени ѝ се изборите…
Апсолутно, сосема сте во право, меѓутоа ниту една набавка, ниту еден чекор не е направен без претходна консултација со соодветните органи за јавни набавки. Во конкретниот случај направен е пропуст во самата тендерска документација, не е разјаснето, меѓутоа истата ситуација, еве согласно жалбата е уважена, ние сме ја поправиле нашата грешка, сега (во) новата објава е предвиден и тој момент и не се остава простор за жалба, доколку се заврши во целост јавната набавка“,
објаснува Шабани.
Додека партиите се во костец за датумот за избори, ДИК допрва одново ги распишува огласите. Изоставен е само тендерот за сместување на членовите на избирачките одбори во ДКП-ата оти ДИК уште чека на политичка одлука дали ќе има гласање во дијаспората.
Сите набавки на ДИК во минатото беа склучувани со примена на постапка со преговарање без претходно објавување оглас. А изборите се скап процес. Според анализата на Центарот за граѓански комуникации, за јавни набавки, за парламентарните избори во 2016 година ДИК потрошила околу 1.250.000 евра, за локалните избори во 2017 година речиси 850.000 евра, а за претседателските избори лани – 1.130.000 евра.

Топ три најкрупни тендери на изборните циклуси се оние за транспорт и сместување на членовите на избирачките одбори, како и за изработка и транспорт на изборниот материјал.

Државната изборна комисија досега ги правдаше набавките со преговарање, со „итност“. Државната комисија за спречување на корупција уште лани даде препораки како да се избегне „итноста“.
„Она што посебно го препорачавме на Државната изборна комисија беше да се определат стандардите кои се однесуваат на изборниот материјал од аспект на техничките спецификации и тоа тие да го определат во нивни законски и подзаконски акти. На тој начин ќе може економските оператори да бидат поподготвени, значи да знаат за каква техничка спецификација се работи, да може да бидат поподготвени и да се обезбеди еден транспарентен процес во кој ќе може повеќе економски оператори да одлучуваат и одлучувањето да биде пообјективно, да не биде субјективно, само еден ги исполнува условите итн. Исто така, препорачавме, бидејќи кај нив станува збор за поспецифичен случај, препорачавме при склучување на договори за набавка на изборен материјал да склучуваат повеќегодишни рамковни спогодби, во кој ќе биде утврдена како вредноста, така и техничката спецификација. А кога ќе дојде ред да се спроведуваат изборите, да се склучуваат нели поединечни договори за изборите, на тој начин исто така ќе се обезбедат овие начела на фер транспарентност, објективност итн“,
вели Билјана Ивановска, претседателка на Државната комисија за спречување на корупција.

Со самото објавување на јавните огласи и можноста за натпревар меѓу фирмите, од ДИК велат дека отишле чекор понапред од препораките на Антикорупциска. Но, годинава, реален проблем е фактот што партиите се уште го договараат за датумот на избори, а ДИК само што ги реобјави огласите за подготовка за изборите.
„Државната изборна комисија технички е спремна да ги спроведе изборите, се случија непредвидени работи, за целата постапка, не само за постапките за јавни набавки. Меѓутоа, Законот за јавни набавки овозможува токму поради вакви непредвидени ситуации одредени други видови постапки, забрзани постапки во на некој начин слични на постапката за преговарање без објавување оглас, така да токму поради вакви причини е направен тој дел од Законот за јавни набавки, па доколку се случеше таква некоја ситуација ДИК ќе излезеше на крај со целава ситуација, но ќе ги искористеше сите законски можности што ги дава Законот за јавни набавки.
-Иако за тоа бевте критикувани.
Ќе направевме напори да земеме мислење, пак ќе нагласам, мислам дека беше членот 55 чија што смисла е токму поради вакви непредвидени ситуации. ДИК ги искористи сите останати членови од Законот за јавни набавки каде што постапките ги направи да бидат транспарентни ја отвори конкуренцијата, меѓутоа се случуваат и вакви работи“,
вели Шабани.

Ова би значело дека доколку партиите ја претркаа Комисијата и договореа или договорат датум за избори пред да завршат постапките за јавни набавки, тогаш ДИК ќе се врати на старата пракса – итни набавки без оглас. Но:
„Можам слободно да кажам дека времето во ситуацијата работи за државната изборна комисија во делот на овие јавни набавки, ние не отидовме да ја сменивме постапката за да ја смениме постапката, отидовме ги обновивме овие јавни набавки со истата постапка за која се потребни одреден број на денови кои сметаме дека ќе бидат исполнети, затоа отидовме на оваа варијанта, нашите служби се во тек во случувањата и така постапуваат“,
уверува портпаролот на ДИК, Адмир Шабани.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска предупредува дека незаконитоста кога-тогаш испливува на површина. За пример го користи токму предметот за печатењето на избирачките ливчиња од 2016 година.
„Ние постапувавме, имавме оформено предмет, го завршивме предметот, ги објавивме резултатите во јавноста и дадовме иницијатива за кривично гонење во Јавното обвинителство. По наши информации таа е спроведена сега во Обвинителството за организиран криминал, така што ако не се спроведе како што треба тука се законите кои предвидуваат санкции. Тие треба да обезбедат фер и транспарентен процес, да го почитуваат Законот за јавни набавки, да спроведат редовна постапка, да избегнат преговарања без објавување оглас. Итност, да, постои ама и тоа е релативна работа“,
рече Ивановска.
Очите на целата јавност се вперени во ДИК, особено кога се очекуваат резултати од избори. Но, Државната изборна комисија е институција која и за тоа и за се друго – троши народни пари. Затоа транспарентноста и начин на кој тоа се прави, исто така, се од интерес на јавноста.