Очекувањата на ССМ се дека сега трговците ќе останат достојни на тоа што го кажуваат поради тоа што самите тие ги имаат креирано цените за новогодишната кошничка, а доколку не го направат тоа Сојузот на синдикати на Македонија на почетокот на наредната година ќе бара ригорозни казни за сите вакви нефер трговски практики и нефер трговци
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) најави дека ќе надгледува дали ќе има намалување на цените на производите што се опфатени во новогодишната кошничка.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, вели дека само пет дена по стапувањето во сила на новата мерка, односно уште на 20 декември, ќе се знае дали цените се намалени.
„Тоа што можеме да го гарантираме како Сојуз на синдикати на Македонија е дека врз основа на синдикалната минимална кошничка уште на 20 декември ќе знаеме дали цените во Македонија се намалени и дали работодавачите од приватниот сектор, трговците, добавувачите и производителите ќе имаат општествена одговорност и ќе им излезат во пресрет на граѓаните“,
рече денеска Трендафилов одговарајќи на новинарски прашања пред седницата на Економско-социјалниот совет во Владата.
Според Трендафилов, ССМ може да гарантира дека на 20 јануари ќе се знае колку трговците ќе бидат себични и за колку ќе ги зголемат цените на производите откако ќе заврши мерката.
Трендафилов посочи дека пред да биде воведена есенската кошничка, трговците кога дознале дека ќе има ограничување на висината на маржите, ги намалиле платите за пет отсто.
„Синдикалната минимална кошничка се зголеми тогаш за повеќе од 720 денари, со мерките се намали за некаде 960 денари, за потоа повторно да имаме зголемување од 620 денари. Зборуваме за нелојалност од овие трговци кон државата“,
рече Трендафилов.
Неговите очекувања се дека сега трговците ќе останат достојни на тоа што го кажуваат поради тоа што самите тие ги имаат креирано цените за новогодишната кошничка.
Доколку не го направат тоа, Трендафилов рече дека ССМ на почетокот на наредната година ќе бара ригорозни казни за сите вакви нефер трговски практики и нефер трговци во Македонија.
Најавената т.н. новогодишна кошничка ќе стартува на 15 декември и ќе трае до 15 јануари следната година и со неа се опфатени над 675 производи чии цени во овој едномесечен период треба да бидат намалени за 10 и повеќе проценти.
Листата на производи чии цени треба да бидат намалени е скроена, односно понудена во договор со стопанските комори, производителите, трговците и дистрибутерите.
Бидејќи станува збор за консензуално решение, а не интервентна мерка на Владата, нема да има казнување, туку само мониторинг за тоа дали сите производи ќе бидат означени со соодветните налепници за да можат да бидат препознатливи за граѓаните.
За опозициската СДСМ најавената мерка на Владата за воведување т.н. новогодишна кошничка е задоцнета и промашена, a ефектот од нејзината примена нема да го почувствуваат граѓаните.
Според СДСМ, станува збор за популистички мерки, кои повеќе им одат во корист на трговците отколку на граѓаните.
Дополнителна причина што ваквата мерка нема да вроди со плод е и вредноста на потрошувачката кошничка која во ноември е зголемена за 772 денари во споредба со претходниот месец.