Лидерската средба заврши без консензус за нов изборен датум, така што Заев најави избори на 21 јуни, додека според Мицкоски треба да се остави простор гласањето да биде од 23 август до 13 септември. Се отвори и прашањето за можен бојкот на изборите
Без консензус за нов изборен датум заврши и денешната лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски, овој пат без најави за нов состанок на водачите на парламентарните партии. Со тоа станува неизвесно дали, ако на 30 мај нема ново продолжување на вонредната состојба, изборите ќе се одржат во првиот можен термин – 21 јуни, согласно со владината Уредба според која изборите треба да се спроведат во период од 22 дена.
По денешната лидерска средба, се отвори и прашањето за можен опозициски бојкот (и покрај тоа што кандидатските листи за пратеници се утврдени, како и распоредот на партиите на гласачкото ливче) доколку владејачките партии останат на тоа изборите да бидат до крајот на јуни.
Ако нема договор меѓу партиските лидери за нов изборен термин во текот на летото, од крајот на септември десеттите парламентарни избори ќе навлезат во редовните рокови за нивно одржување. Првично беше планирано тие да се одржат на 12 април, за што партиските лидери постигнаа согласност уште во октомври минатата година.
Евентуални избори на 13 септември, како што предлага лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, всушност, би значеле фаќање на „последниот воз“ за изборите да бидат предвремени.
Избори на 21 јуни, пак, како што најавува лидерот на СДСМ Зоран Заев, би значеле гласање три месеци пред почетокот на редовните термини.
Претседателот Стево Пендаровски во петокот изјави дека позициите на политичките лидери во однос на датумот за избори се многу различни.
„Разликите се поголеми од еден месец“,
рече шефот на државата, кој кажа дека изборите веројатно би биле во летен период.
Редовни избори, според Уставот се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на тековниот собраниски состав. Овој состав, практично има мандат до крајот на декември годинава, со оглед на тоа што беше конституиран на 30 декември 2016 година. Сепак, Собранието се распушти на 16 февруари и оттогаш не заседава, иако пратениците и натму имаат мандат, за кој спикерот Талат Џафери вели дека е формален и дека законодавниот дом не може да се состанува и да носи одлуки.

Во случај на избори во септември, парламентот би останал надвор од функција повеќе од седум месеци, со оглед на тоа што новото Собрание, во таков случај, би се конституирало во почетокот на октомври, од кога и би почнале да течат роковите за состав и избор на новата влада. Техничката влада, пак, наместо до најдоцна до средината на јуни, како што првично се планираше, би останала некаде до ноември, со што што кадрите на ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да се повлечат по завршувањето на изборите.
Според Мицкоски, крајот на летото е најбезбеден термин за одржување на изборите. Од друга страна, СЗО денеска излезе со препорака до европските држави да почнат да се подготвуваат за нив бран на ковид-19 наесен.
Минатата недела, ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваше СДСМ и Заев дека поставуваат ултиматуми со тврдењата дека се подготвени и за избори во последниот редовен рок, во почетокот на декември, ама дека тоа би значело враќање на политичката влада, без кадрите на опозицијата.
