Алијансата за заштита на Народниот театар во Тирана, Албанија, попладневно повторно ќе излезе на протести против одлуката на премиерот Еди Рама да го сруши објектот изграден во 30-тите години од минатиот век, за да се гради нов.
Разликата е што од денеска, подршка на протестот ќе даде и опозицијата. Нема да учествуваат како организатори, туку само ќе бидат присутни. Според најавите, вечерашниот протест закажан пред седиштетот на албанското МВР ќе го отвори режисерот Роберд Будина, кој го затвори вчерашниот протест.
Но, подршката за протестите за театарот, не се единствената најавена политичка акција од лидерот на најголемата опозициска партија во Албанија Љуљзим Баша. Лидерот на Демократската партија најави дека почнуваат со национални протести против владата на Еди Рама.
„Веќе седум години ДП и опозицијата се борат против ова зло и авторот на ова зло, а тоа е Еди Рама. Тоа зло мора да си замине. Затоа ги повикувам сите граѓани на масовни национали протести, со почитување на мерките за заштита од ковид-19“,
изјави Љуљзим Баша.

Независно од пораките од опозицијата, за уривањето на Народниот театар во Тирана и употребата на полициска сила за да се растераат демонстрантите, реагираше Европската комисија. Преку соопштение изрази жалење што повиците за дијалог на меѓународниот фактор не се почитувани.
„Точно е дека рушењето на Националниот Театар се случи во миг кога побаравме дијалог помеѓу властите и граѓанското општество пред да стане неповратна одлуката. Жалиме што повикот не го следеа националните и локалните власти и со длабока загриженост ги следиме настаните на терен, посебно во однос на употребата на сила. Таа секогаш мора да биде пропорционална на условите и ги повикуваме сите страни да покажат воздржаност“
изјави Ана Писонеро,портпаролка на ЕК за проширувањето
Уривањето на националниот театар предизвика големо незадоволство кај театарските работници, граѓани, граѓански здруженија, што доведе до судир меѓу полицијата и активистите од Алијансата за заштита на тетарот, по што дел од нив беа приведени.
Премиерот на Албанија Еди Рама преку Фејсбук статус објави фотографии од тоа како ќе изгледа новиот национален театар, додавајќи дека утре овој проект ќе има согласност од сите.

Одлука за уривање на Народниот театар ја донесе албанскиот Парламент во септемри 2018 година, со ветување од владата дека ќе изгради нов посовремен објект.
Алијансата за заштита на театарот никогаш не се отакажа од стариот објект, па и денеска упати писмо до амбасадорот на ЕУ во Тирана, Луиџи Сореца. Во писмото до амбасадорот, Алијансата истакна дека рушењето на Театарот започнало кога многу луѓе сè уште биле внатре во зградата, повикувајќи на „меѓународна истрага за ова важно и сериозно прашање за кое сметат дека е кривично дело против луѓето и културното наследство“.
Алијансата за заштита на театарот бара од амбасадорот Сореца во денешниот протест да има наблидувачи од Делегацијата на ЕУ во Тирана.