По полициската интервенција со водени топови и солзавец, плоштадот пред грузискиот парламент остана празен, а специјални полициски сили се распоредени околу зградата на законодавниот дом. Неколку лица се приведени
Со водени топови и солзавец, грузиската полиција вечерва повторно ги растера демонстрантите од пред зградата на парламентот – збирното место на кое се собираат секоја вечер од 28 ноември – кога владата објави дека ќе ги прекине пристапните преговори со Европската Унија.

Демонстрантите продолжија и вечерва, на петтиот ден од протестот, и покрај „облакот“ од солзавец кој беше испукан на улиците на Тбилиси доцна синоќа.
По полициската интервенција плоштадот пред грузискиот парламент остана празен, а специјални полициски сили се распоредени околу зградата на законодавниот дом. Неколку лица се приведени.
Според Министерството за внатрешни работи на Грузија, во изминатите пет дена од протестите се приведени околу 230 демонстранти. Покрај тоа, тројца полицајци се хоспитализирани, а на други 113 им е потребна терапија.
Демонстрациите во Тбилиси почнаа кога владејачката партија во Грузија во петокот објави дека земјата ќе ги прекине преговорите со Европската Унија до 2028 година и ќе го отфрли европското финансирање, со што практично ќе ја запре својата кандидатура за членство.
