„Мирот треба да го поттикнуваме. Џабе ни се сите гарантирани човекови права, ако живееме во немир. Во немир се парализирате“, рече претседателката Сиљановска-Давкова

Министерката за образование Весна Јаневска денеска потсети дека Конвенцијата за правата на детето обврзува дека секое дете има право на живот без насилство. Таа на настан на ОБСЕ против насилство врз млади жени и девојки, во рамки на 16 дена активизам против родово засновано насилство, рече дека насилството и училиштето не одат заедно.
„Со повеќе, пак, други меѓународни документи се гарантирани правата на жената на живот, лична сигурност, на образование и достоинство, на почитување на нејзиниот физички и морален интегритет. Нашето образование се темели на овие постулати“,
смета Јаневска.
Таа рече дека воспитно-образовниот систем има механизми за спречување и справување со насилство, вклучително и насилство врз девојчиња и девојки.
„Гледано системски, местото на наставникот е клучно во сите активности насочени кон спречување и заштита од дискриминација и насилство. Затоа што тој низ воспитно-образовниот процес ја всадува кај децата и младите свеста дека никој не смее да биде жртва на насилство, а доколку се случи, за насилството не треба да се молчи“,
рече таа.
Ги охрабри учениците да пријавуваат насилство во каква било форма и тоа на електронската адреса [email protected], директно во Педагошката служба или во Државниот просветен инспекторат. Од почетокот на учебната година имало петнаесетина такви пријави и по сите било постапено соодветно.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова рече дека мора да се промовира не насилство уште од рана возраст. Според неа, статистиката за насилството врз жените е шокантна, а проблемот е планетарен и како таков треба да се третира.
„Мирот треба да го поттикнуваме. Џабе ни се сите гарантирани човекови права, ако живееме во немир. Во немир се парализирате. Не можете да размислувате. На сите им треба мир. Да не се чувствуваат загрозени, оти тогаш не може да си ги изразат квалитетите што ги имаат“,
смета Сиљановска-Давкова.
За темата на настанот се одржа и дебата. Видеообраќање имаше шефот на Мисијата на ОБСЕ, амбасадорот Килијан Вал, а присутна беше неговата заменичка Сузан Пенкса.
Инаку, на настанот беше посочено дека секој ден се зголемува бројот на жени жртви на насилство во различни форми. Покрај психичкото и физичкото насилство, загрижувачки е и бројот на случаи на онлајн или дигитално насилство кое младите сè уште не го препознаваат како проблем. Податоците од истражувањето спроведено во три средни училишта покажуваат дека 70 отсто од испитаниците биле жртви на онлајн насилство.