„Мислам дека е добро за високото образование и науката во земјата конечно да воведеме ред. Секој што исполнува услов, ќе функционира“, изјави министерката за образование и наука
Покрај досега затворените два, министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска најави дека деновиве очекува да заврши процедурата и да биде прекината функцијата, односно да бидат затворени уште два института, по извршената ревизија на нивното работење.

Како што информира таа, досега била направена ревизија во 15 институти, а дополнително проверка во работењето има во уште пет.
На десетина институти, рече министерката одговарајќи на новинарско прашања по денешната посета на гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип, има бил даден рок од три месеци да ги поправат констатираните нерегуларности, но според извештаите што имала можност да ги прочита, многу малку од нив ќе можат да го направат тоа.
„За жал, морам да кажам дека веројатно следи затворање на поголем број институти кои се нефункционални, не го почитуваат законот, односно не ги исполнуваат условите, и мислам дека е добро за високото образование и науката во земјата конечно да воведеме ред. Секој којшто исполнува услов, ќе функционира. Како и што многу пати досега сум рекла, секој кој не работи по закон нема ниту да функционира“,
изјави Јаневска.
Пред речиси две недели, исто така за време на посета на Штип, министерката за образование и наука, изјави дека ревизијата на Министерството дека освен на неколку универзитетите, утврдила неправилности и во институти, од кои два се затворени.
„Процесот на затворање на два институти е комплетно завршен, продолжува во овој момент најверојатно во уште три, но и тоа треба да заврши и ќе добиете информација. Дозволете да ги затвориме и, како што кажав, транспарентно ќе објавиме“,
изјави Јаневска на 7 ноември.
Што се однесува до универзитетите, министерката тогаш рече дека Државниот просветен инспекторат постојано работи по сите пријави кои стигаат до нив и досега се утврдени одредени нерегуларности кај некои од нив.
Кај дел од нив, додаде таа, процесот е сосема при крај и е почната постапка за наплата на казни на рецензентски комисии, декани и ректори.
Прашана за универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Јаневска рече дека таму е извршена една контрола и дека во моментов се чека извештајот.
„Битно е дека сите универзитети без исклучок ќе го поминат овој процес и секаде каде што ќе бидат завршени процесите, јавно и транспарентно ќе бидат објавени резултатите“,
кажа министерката за образование и наука.
Претходно во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ), Јаневска откри дека нерегуларности се констатирани на тетовскиот универзитет, на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид и на универзитетот во Струга.
„Имаме нелегален избор на двајца наставници на Тетовскиот универзитет и таму инспекцискиот надзор сè уште трае. Имаме проблеми на универзитетот ‘Апостол Павле’ и таму се утврдени нерегуларности. Имаше сериозен проблем на универзитетот во Струга, таму го затворивме смерот за медицински науки. Тоа се повторно процеси коишто траат и кои сè уште се во фаза на анализа затоа што и Законот за просветна инспекција дава одредени насоки како треба да се работи. За некои пропусти се вели дека треба да се отстранат во одреден рок, потоа Државниот просветен инспекторат оди да провери дали се отстранети или не се… Затворивме два научни институти и мислам дека во брзо, во најскоро време, ќе затвориме уште два“,
изјави Јаневска во интервјуто.
Прашана дали ќе има затворање на универзитети, министерката одговори:
„Во овој момент не можам да тврдам дека ќе се затворат, но инспекцискиот надзор ќе каже што ќе треба да се направи тогаш кога ќе биде завршен“.