„Досега, доколку имало судир, ДКСК можела и морало да констатира, меѓутоа не констатирала. Не претставувало проблем нашето членување во управниот одбор. Одлуката е донесена од страна на советот согласно закон, каква одлука понатамошна ќе донесеме, ќе бидете известени“, рече Димитриевска

Претседателката на Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија, Душица Димитриевска, изјави дека не е донесена одлука за нејзино повлекување од функцијата член на Управен одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). За тоа, како што рече таа, ќе се одлучува на седница.
Изјавата на Димитриевска следува како одговор на новинарско прашање откако пред неколку дена Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) даде препораката дека назначувањето на членови на Управниот одбор на АСЈО од редот на Советот на јавни обвинители е спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси и Законот за АСЈО.
„Одлука не е донесена со оглед дека одлуката на ДКСК е доставена на крајот од минатата недела. Таа треба да биде предмет на сите членови на Советот и на седница ќе донесеме одлука. Јас и уште еден член од Советот сме и актуелни членови на УО на АСЈО. Досега, доколку имало судир, ДКСК можела и морало да констатира, меѓутоа не констатирала. Не претставувало проблем нашето членување во Управниот одбор. Одлуката е донесена од страна на советот согласно закон, каква одлука понатамошна ќе донесеме, ќе бидете известени“,
рече Димитриеска на денешната прес-конференција во Советот.
ДКСК на седница одржана на 8 ноември, порача Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки со кои ќе ги стават надвор од сила своите одлуки за назначување на членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).
Според нив, одлуките се спротивни на Законот за спречување на корупција и судир на интереси и Закон за АСЈО.
Оттаму истакнаа дека согласно членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители не смеат да вршат функции во органи на управување кои располагаат со државен капитал. Судирот на интереси се јавува бидејќи Управниот одбор на Академијата одлучува по жалби на кандидатите за судии и јавни обвинители.
„ДКСК согласно член 40 од деловник предлага да побара од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да преземат мерки за надминување на начин што пред отпочнување на мандатот членови на АСЈО, а најдоцна до истекот на мандатот на сегашните членови на АСЈО, ќе ги стават надвор од сила своите одлуки кои се спротивни на Закон за судир на интереси и Закон за АСЈО“,
порачаа од Комисијата.
