Според членката на Советот на јавни обвинители, Кети Петкова, пак, одлуката за суспендирање на Хајрулахи треба да се преиначи бидејќи, како што оцени, со неа републичкиот јавен обвинител го крши Законот за јавно обвинителство и задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители
Со седум гласа „за“ и еден „против“, Советот на јавни обвинители донесе одлука со која го потврди решението на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски за оддалечување од функцијата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи. Дополнително, Советот ја одби како неоснована жалбата на Хајрулахи.

„Се потврдува одлуката со која вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи се оддалечува од функцијата вршење јавен обвинител за време додека трае кривичната постапка. Да се потврди решението, а жалбата да се одбие како неоснована“,
рече претседателката на СЈОРМ, Душица Димитриевска.
Според членката на Советот на јавни обвинители, Кети Петкова, пак, одлуката за суспендирање на Хајрулахи треба да се преиначи бидејќи, како што оцени, со неа републичкиот јавен обвинител го крши Законот за јавно обвинителство и задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители.
„Републичкиот обвинител го крши Законот за јавно обвинителство, задира директно во правата и самостојноста на јавните обвинители. Од формален аспект, постоење и водење на кривична постапка значи суспендирање на обвинителот против кого се води постапката, меѓутоа, Советот, освен формалниот аспект, треба да се занимава со дејствијата што претходат на постапката. Недопустливо е повод за суспензија да биде кривична пријава за мобинг“,
изјави членката на Советот, Кети Петкова.
Јавното обвинителство на РСМ во понеделникот соопшти дека против јавниот обвинител на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, е отворена истрага за малтретирање во вршење на службата и злоупотреба на службената положба и овластување.
Еден ден подоцна, Хајлурахи на прес-конференција обвини дека врз него се врши притисок од републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски со цел да се влијае на актуелни предмети. Тенденцијата, како што кажа, е тој да биде отстранет и да се замолчи, како и да се заплашат другите колеги.