Сепак, во известувањето не беше наведено за какви притисоци станува збор ниту, пак, од каде тие доаѓаат

Градските власти доцна синоќа преку соопштение најавија дека скопјани од денеска ќе имаат редовен автобуски превоз и оти автобусите на ЈСП „Скопје“ ќе сообраќаат во полн капацитет.
Во соопштението од Град Скопје се наведува дека и покрај сите притисоци денеска ќе има редовен јавен превоз.
Сепак, во известувањето не беше наведено за какви притисоци станува збор ниту, пак, од каде тие доаѓаат.
Ваквото известување доаѓа во време кога Скопје се соочува со сериозни проблеми во јавниот превоз, а патниците се често револтирани поради доцнењата и дефектите на автобусите.
Проблемите во јавниот превоз се поради лошата состојба со возниот парк на ЈСП „Скопје“ кој е застарен и недоволен за да ги исполни потребите на градот.
Како една од причините за оваа состојба се посочува и блокадата за набавка на нови автобуси, која е резултат на политички конфликт меѓу градоначалничката Данела Арсовска и мнозинската советничка група во градскиот Совет, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.