За каматата, како што изјави премиерот по состанокот со Македонската банкарска асоцијација, ќе се преговара во текот на следната недела и очекува во втората половина од седмицата да се дојде до некаков став по ова прашање
Прашан што ќе се преговара за каматата, премиерот беше резервиран во одговорот и рече: „Па, во моментот се доближуваат ставовите, еве, би се задржал на таа формулација“
Желба да учествуваат во проектот на Владата за унгарскиот заем кај банките има, постигнат е заеднички став во врска со формулацијата за роковите и времетраењето за враќање на кредитите за фирмите кои ќе дојдат со заемот, додека за висината на каматата е оставен простор Владата и банките неделава да ги доближат своите ставови.

Ова е исходот од денешната средба на премиерот Христијан Мицкоски со Македонската банкарска асоцијација што се одржа во Министерството за финансии, во обидот да се убедат банкарите да субвенционираат дел од трошоците за кредитите кои ќе се делат на компаниите од заемот од Унгарија.
За исходот, во изјава за медиумите, информираше премиерот Христијан Мицкоски кој, како што кажа, денешната средба би ја поделил во три дела – роковите и времетраењето, желбата да се учествува во проектот и каматната стапка.
„Во делот на желбата дека сакаат да учествуваат како Македонска банкарска асоцијација, членките и членовите, е несомнен и сите изразија желба и сите изразија подготвеност да бидат дел од овој процес, од тоа што можев да го слушнам од нивните претставници“,
рече Мицкоски.
Во однос на роковите за враќање на кредитите, премиерот кажа дека на состанокот бил заземен заеднички став, во зависност од барањата на клиентите, формулацијата што ќе ја користат да биде до три години грејс период и до 15 години рок на отплата.
„Бидејќи членките кажаа дека има поедини клиенти коишто можеби сакаат пократок рок итн. И затоа велиме до три години и до 15 години рок на отплата. Тоа мислам дека го усогласивме и дека го прифативме“,
кажа премиерот.
За каматата, како што изјави тој, ќе се преговара во текот на следната недела и очекува во втората половина од седмицата да се дојде до некаков став за ова прашање.
„Во делот на каматата ќе се преговара уште оваа недела и ќе видиме, очекувам дека до крајот на следната недела, во втората половина , би имале некаков став поврзан со тоа прашање и на тој начин би го заокружиле сето ова и конечно би почнале сето ова да почнеме да го аплицираме и да се пренесе на стопанството“,
рече Мицкоски.
Прашан во однос на роковите, дали тоа што е договорено денеска значи дека банките би можеле да понудат рок кој ќе биде пет, седум или десет години, Мицкоски одговори дека тоа е така и затоа ќе ја користат формулацијата „три години и до 15 години“.
„Има клиенти коишто сакаат да имаат пократок рок на кредитот и побрзо да го вратат“,
додаде тој.
Прашан што ќе се преговара за каматата и дали ги доближиле ставовите со банките, премиерот беше, условно кажано, резервиран во одговорот и рече:
„Па, во моментот се доближуваат ставовите, еве, би се задржал на таа формулација“.

На новинарско прашање, ако процентот на Владата е нула, кој е процентот на банките, Мицкоски рече дека сега не би зборувал за проценти, туку повеќе би зборувал за изразена волја.
„Од двете страни има изразена волја ставовите да бидат доближени и да бидат усогласени. Значи, суштината е, да не бидеме погрешно разбрани во јавноста, тие 3,25 проценти секако ние како Влада ќе ги платиме. Можеби за некоја година би издале еврообврзница со која предвреме би го вратиле овој кредит бидејќи знаеме дека немаме таму каматна стапка. Можеби ќе се одлучиме за некакви други механизми во зависност од интересот на државата. Целта е каматата којашто ќе ја понудат банките да биде што е можно пониска за да може стопанството да добие пониска камата. Сега реално има трошоци коишто ги имаат банките, но да видиме што може од тие трошоци да се намали, зависи тука и од политиките на централната банка. Затоа велам да не зборуваме сè уште за проценти, да ги доближиме ставовите и тогаш ќе излеземе официјално со позиција“,
рече Мицкоски
Премиерот вчера ги повика банките да покажат, како што ја нарече, општествена одговорност во ситуација на глобални предизвици. Тој не беше јасен во одговорот на прашањето што ако нема договор со банките и колку тоа ќе ги чини граѓаните зашто тие средства ќе треба да ги покрие државата од буџетот.
Станува збор за кредит од 500 милиони евра со каматна стапка од 3,25 отсто, со период на отплата од 15 години, односно вклучен грејс период од три години. Тие пари ќе влезат како средства во буџетот, од каде 250 милиони евра ќе бидат насочени кон Развојната банка, а таа преку комерцијалните банки треба да ги пласира на приватниот сектор за инвестиции, а останатите 250 милиони евра се наменети за инфраструктурни проекти, односно за финансирање на проектите на општините.
