„Секој обид за нарушување на правата стекнати со големи жртви ќе се соочи со најостро противење од секој граѓанин кој верува во мир, правда и еднаквост!“, порачуваат од партијата
Додека се наближува денот на одлуката на Уставниот суд за преиспитување на Законот за јазиците, Демократската унија за интеграција (ДУИ) уште еднаш предупредува дека ова ќе биде најголемиот удар врз мултиетничкиот карактер на нашата држава, се вели во денешното соопштение на партијата на Али Ахмети.
Таквата одлука, велат од Мала Речица, ќе биде последниот клинец во ковчегот на Охридскиот рамковен договор и директна закана за меѓуетничката хармонија што ја гарантира овој договор.
Од партијата повторно упатуваат апел до меѓународната заедница, САД, НАТО и Европската Унија, како гарантори на Охридскиот договор, но и до граѓанското општество и до Република Албанија и Косово, како што велат, итно да реагираат „против оваа опасност“.
„Не можеме и не смееме да дозволиме самиот темел на мировниот договор да биде доведен во прашање. Ова е линија што не треба и не смее да се премине! Албанците се длабоко вознемирени и разочарани од овие обиди да се врати државата назад, во време кога заедничката цел треба да биде напредок кон праведно и инклузивно општество“,
велат од ДУИ.
Дополнително, оттаму додаваат дека ќе ги искористат сите демократски и меѓународни механизми за да ја спречат оваа, како што велат, опасна одлука и да ги заштитат правата на Албанците и на сите граѓани на државата.
„Темелот на мирот и соживотот не е само договор на хартија, тој е гаранција за нашата заедничка иднина. ДУИ останува решена да ја брани оваа линија со сите демократски и законски средства. Секој обид за нарушување на правата, стекнати со големи жртви, ќе се соочи со најостро противење од секој граѓанин кој верува во мир, правда и еднаквост!“,
порачуваат од партијата на Ахмети.