Изборот на Трпковска во комисијата на АЕК се случува во период во кој, работна група составена од претставници на Собранието, Владата и други државни институции подготвува посебен закон со кој би требало да се обесштети нејзината компанија, а за возврат на тоа државата да си ја врати сопственоста врз плацот веднаш до законодавниот дом
Сопственичката на „Анго“, фирмата што требаше да ја изгради спорната катна гаража до Собранието, Анкица Трпковска, е избрана за член на комисијата на Агенцијата за електронски комуникации (АЕК), државната институција што го регулира телекомукацискиот сектор, пишува „Призма“.

На собраниската седница, која се одржа во вторникот, за неа гласаа 61 пратеник од владејачкото мнозинство.
Трпковска нема да биде вработена во АЕК, туку ќе треба да учествува на седниците на комисијата која на некој начин функционира како управен одбор – усвојува годишни извештаи и програми, ја следи реализацијата, разрешува и бира директор. За ангажманот ќе прима месечен надоместок во висина од четири просечни плати, односно околу 2.700 евра.
Таа сè уште се води како сопственичка на „Анго“, компанијата што го купи државното земјиште за 330 000 евра во 2013 година, во времето кога со владата управуваше Никола Груевски, меѓутоа фирмата не го изгради паркингот во рокот од десет години, којшто истече во септември годинава.
Пред неколку месеци, набрзо по враќањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт се процени дека е небезбедно да се подигне гаража до објект од витално значење каков што е Парламентот. Затоа и почнаа преговори со претставници на компанијата за обесштетување.
Изборот на Трпковска во комисијата на АЕК се случува во период во кој работна група составена од претставници на Собранието, Владата и други државни институции подготвува посебен закон со кој би требало да се обесштети нејзината компанија, а за возврат на тоа државата да си ја врати сопственоста врз плацот веднаш до законодавниот дом.
Целиот текст може да го прочитате ТУКА.