„Така што, ајде ние прво како Влада да ги реализираме проектите што се ветени. Дел од нив веќе се реализираат, а он нека се адаптира и нека се реформира“, вели министерот за здравство
Ахмети нека се адаптира и нека се реформира, му порача министерот за здравство Арбен Таравари на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ).
Пораката на Таравари доаѓа како одговор на барањето на ДУИ идната година да има предвремени парламентарни избори што би се одржале заедно со локалните.
Таравари вели дека идната година ќе има избори, но дека тие ќе бидат само локални.
Тој вели дека доколку има консензус и од ДУИ се заинтересирани за парламентарни избори може да зборуваат и за тоа. Сепак, вели тој, ако идната година има избори, потоа во 2026 година ќе бара повторно нови.
„Но, пред пет – шест месеци завршија изборите. Така што, јас би му препорачал на господинот Ахмети повеќе да се фокусира во реформи во партијата и во адаптација во опозиција, отколку еднаш да бара избори. Оти ако се одржат повторно идната година, потоа повторно 2026 година пак ќе бара избори. Така што, ајде ние прво како Влада да ги реализираме проектите што се ветени. Дел од нив веќе се реализираат, а он нека се адаптира и нека се реформира“,
рече Таравари.
Од ДУИ повикуваат на одржување предвремени избори за со нив да се запре, како што велат, пандемијата на лаги, неуспеси и понижување на Албанците од страна на владејачката „Вреди“.
Од коалицијата „Вреди“ повикаа ако навистина сака предвремени парламентарни избори, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, прво да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби ќе си замине од политиката.
Барањата за предвремени парламентарни избори дојдоа откако Ахмети во два наврати позитивно одговори на изјавата што премиерот Христијан Мицкоски ја даде одговарајќи на пратенички прашања од лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кога повика на предвремени избори в година.