Сепак, додаде дека за случајот не сака да дава изјави предвреме, пред да има официјален извештај од компетентни педијатри што се назначени од Детската клиника да направат увид во целата документација за тоа како е третирано детето
Министерството за здравство во вторникот формираше комисија за случајот со починатото петгодишно дете, кое на 5 ноември почина на Детската клиника од воспаление на мозокот, информира денеска министерот за здравство Арбен Таравари.

„Утрово повторно се слушнав со директорот на Детската клиника. Комисијата е веќе формирана. Според сите резултати што се направени, сега зборувам како лекар, и покачената концентрација на протеини во ликворот на, за жал, починатото дете и намалената концентрација на гликоза во ликворот и наодот од ЕКГ каде што доминираат бавни бранови, упатува на сериозен сомнеж на енцефалит“,
рече тој.
Сепак, додаде дека за случајот не сака да дава изјави предвреме, пред да има официјален извештај од компетентни педијатри што се назначени од Детската клиника да направат увид во целата документација за тоа како е третирано детето.
Ова е трет смртен случај на Клиниката за детски болести во изминатиот месец. За 14-месечното бебе сè уште се води постапка за утврдување на евентуална лекарска одговорност. Двајца доктори специјалисти од Детската клиника времено се отстранети од работа од установата додека за нив се води дисциплинска постапка.
На почетокот на месецов од Детската клиника информираа дека починало и бебе старо осум дена кое кај нив било донесено во тешка здравствена состојба од Струмица.