Мицкоски признавајќи ја како грешка поддршката што и ја даде на актуелната градоначалничка Данела Арсовска при нејзиниот избор на функцијата, рече дека сега знае каков човек му треба на Скопје, но не го обелодени името на кандидатот што „ќе трча“ за градски татко
Време е за нова страница, за зафаќање за решавање на клучните проблеми на градот Скопје, смета премиерот Христијан Мицкоски.
Мицкоски вечерва на ден пред одбележувањето на 80. годишнината од ослободувањето на Скопје, на настан во организација на градскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, насловен како „Скопје се буди“, потсетувајќи на историјата на градот, рече дека 13 ноември е „завет дека ќе ја чуваме и унапредуваме слободата и дека ќе се грижиме за Скопје“.
Но, во говорот Мицкоски се осврна и на актуелните проблеми со кои се соочува градот изминатите месеци не пропуштајќи да спомене дека го води администрација која „е далеку од можноста да одговори на потребите на граѓаните“.
„Во моментите кога во дел од напредните градови во светот имаат подземни железници и метроа кои се движат со повеќе 200 километри на час, во нашето Скопје е привилегија и бинго да ви дојде автобус со задоцнување помало од еден час. Да не говорам за тоа колку се потфрли во воспоставувањето на ред во сообраќајот, или третирањето на отпадот, или проблемот со кучињата скитници, кои неретко на туристите им изгледаат како некоја егзотична епизода на афричка сафари оаза“,
рече Мицкоски.
Тој, признавајќи ја како грешка поддршката што и ја даде на актуелната градоначалничка Данела Арсовска при нејзиниот избор на функцијата, рече дека не се обидува да се амнестира и оти е свесен „колку таа ме чинеше и колку политички куршуми примив и колку ме разочара лично и ги разочара скопјани“.
На една година пред локалните избори, Мицкоски вели дека лекцијата ја научил и оти сега знае каков човек му треба на Скопје.
Тој не го обелодени името на идниот кандидат што „ќе трча“ за градоначалничката функција, а што ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, но рече дека знае кои квалитети тој треба да ги поседува.
„Очигледно оваа лекција е научена и сега знам дека на Скопје му треба човек кој ќе обединува и кој има визија. Кој ќе има емпатија и ќе пулсира со градот. Кој ќе умее да ја негува душата на градот и ќе решава проблеми. Не го знам името на нашиот иден кандидат за градоначалник на Скопје, затоа што тоа е прерано, но го знам карактерот на личноста која ќе ја избереме. На Скопје не му требаат експерименти туку докажани луѓе и Скопје е уморно од големи приказни кои најчесно завршуваат како големи разочарувања“,
рече тој.
Тој потврди дека идниот градоначалник на Скопје ќе биде човек што докажал дека умее да работи, а не кадар „кој ќе го пробуваме допрва дали ќе му тргне“.
„Тоа ќе биде човек кој ќе даде се од себе да ги решава проблемите. Човек со искуство, и реализирана личност. Кој го знае градот, кој има успешен живот“,
додаде Мицкоски.
Идниот скопски градоначалник, како што најави Мицкоски, ќе има помош од централната власт, за да се изгради сеопфатна програма која ќе ги реши горливите проблеми на скопјани- урбанизмот, сообраќајот, превозот и почист воздух.
Во обраќањето Мицкоски најави и мерки за спарвување со загадувањето, кое изминатите денови урива рекорди во Скопје.
„Воведуваме строги ограничувања за најштетните извори на енергија и ќе ги контролираме најголемите индустриски загадувачи. Обезбедивме субвенции за граѓаните и фирмите што ќе користат чисти енергетски решенија. Ќе започнеме програма за масовно пошумување и засилено чистење на јавните простори. Овие мерки се само почеток, бидејќи иднината на Скопје и на Македонија е во чистата и здрава околина“,
рече Мицкоски.