Она што според Муцунски е приоритет при именувањето нови амбасадори е на позицијата во НАТО бидејќи мандатот на Дане Талески завршува веднаш по новогодишните празници
Што се однесува до амбасадорот Андреј Жерновски, кој дипломатската функција во Романија почна да ја извршува лани во октомври, Муцунски рече дека формално-правно тој никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт бидејќи нема предадено акредитивни писма

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вели дека наскоро ќе почне процес на именување на нови амбасадори на местата на оние кои со указ на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се отповикани поради завршување на мандат.
„За инфорамцијата што ја видов денеска во медиумите, а произлезе од тоа што се објави во ‘Службен весник’, седум амбасадори се отповикани, а на кои им завршува мандатот. Оваа процедура е редовна при завршување на мандат на амбасадори, согласно Законот за надворешни работи. Така да, ова не е вонредно враќање, консултации или било што, туку завршување на редовен мандат на амбасадори“,
рече денеска министерот Муцунски во одговор на новинарско прашање на прес-конференцијата со актуелниот претставник на ОБСЕ Јан Борг.
Според Муцунски, при именувањето на новите амбасадори, за што веќе има консултации, ќе бидат земени во предвид квалитетите и квалификациите на лицата.
„Во врска со именување на нови амбасадори и генерални конзули во моментот тече процес на консултации помеѓу мене, претседателката и претседателот на Владата и очекувам наскоро да почнеме со процес на именување на нови амбасадори“,
додаде Муцунски.
Она што според Муцунски е приоритет при именувањето на нови амбасадори е на позицијата во НАТО бидејќи мандатот на Дане Талески завршува веднаш по новогодишните празници.
Муцунски беше прашан и до каде е постапката за тројцата амбасадори Љубомир Фрчковски, Андреј Жерновски и Весел Мемеди кои беа повикани на консултации.
Амбасадор во Организацијата на обединетите нации (ООН) во Њујорк, Љубомир Фрчкоски во август ја поднесе својата оставка, а функцијата ја извршуваше од март 2022 година откако тогашниот претседател Стево Пендаровски го потпиша указот за негово заминување во мисијата.
Муцунски за Фрчковски рече дека има поднесено оставка, но тоа не значи дека тука се завршени процесите околу внатрешна ревизија за финаниското работење, бидејќи, според него, тоа е сосема друго прашање. За, Фрчкоски рече дека е амбасадор во оставка.
Што се однесува до амбасадорот Андреј Жерновски кој дипломатската функција во Романија почна да ја извршува лани во октомври, Муцунски рече дека формално правно тој никогаш не ни станал амбасадор во Букурешт, бидејќи нема предадено акредитивни писма.
„Во врска со амбасадорите Жерновски и Мемеди се водат внатрешни процедури во рамките на Министерството за надворешни работи, во согласно со Законот за надворешни работи и соодветно ќе бидат информирани кога ќе завршат тие процедури“,
одговори Муцунски.
За амбасадорот во Рим, Весел Мемеди Муцунски рече дека формално правно тој сè уште амбасадор.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова отповикала седум амбасадори, а указите за нивно отповикување се објавени вчера во „Службен весник“.
Како што може да се види од објавените укази, станува збор за повлекување на амбасадорите на Северна Македонија во НАТО – Дане Талески, во Албанија – Данчо Марковски, во Данска – Фатон Бејта, во Казахстан – Сали Лимани и во Катар – Шабан Јашари. Отповикани се и амбасадорката Теута Агаи Демјаха, која е шефица на Постојната мисија на Северна Македонија во ОН во Женева и амбасадорката при Светата Столица во Ватикан, Марија Ефремова.
Указите стапуваат во сила со нивното објавување во „Службен весник“, а ќе ги изврши министерот за надворешни работи и надворешна трговија.