Според него, инсталациите на претходната влада во обвинителството и судството се малку, но сè уште се слепи послушници
Борбата против инсталациите на СДСМ и ДУИ ќе биде долга, исцрпувачка и жестока бидејќи тие се жилави. Не очекувам дека борбата ќе биде лесна во обвинителството и во судството, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, инсталациите на претходната влада во обвинителството и судството се малку, но сè уште се слепи послушници.
Коментарот на Мицкоски доаѓа по реакцијата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со именувањата на членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители во Управниот одбор на Академијата на судии и јавни обвинители што е спротивно на Законот за спречување на корупција и има судир на интереси. ДКСК на седницата во петокот побараа од Судскиот совет и Советот на јавни обвинители одлуката за номинација на свои членови во Управниот одбор на АСЈО да ја стават надвор од сила.
„Нивната цел, да дадат сѐ од себе за да го уништат обвинителството и судството за да можат нивните вистински стопани, тие малкумина обвинители и судии, да ги заштитат, добива епски размери. И јас ова го зборував на последната собраниска седница кога одговарав на пратенички прашања. Често пати во изминативе еве, речиси пет месеци од како сме Влада, се случува да некој од обвинителите имаат стомачни проблеми, главоболки, температура и така натаму, во моментот кога ќе треба да се преземе резолутна акција против криминалци коишто беа симбол на едно минато владеење седум годишно коешто не треба да ни се повтори“,
рече Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање при неговата посета на Тутунски комбинат АД Прилеп.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврди дека Судскиот совет и Советот на јавни обвинители постапиле незаконски со одлуката за номинирање на два члена од своите редови за членови на Управниот одбор (УО) на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО).
Образложувајќи го предметот, кој Антикорупциска го отвори по сопствена иницијатива, членот на ДКСК, Билјана Каракашова-Шулев, рече дека назначувањето на членови на УО на Академијата за судии и јавни обвинители од редовите на Судскиот и Советот за јавни обвинители е спротивно на одредбите од членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси.
Назначувањето на членови во Управниот одбор на Академијата, како што рече Каракашова-Шулев, треба да биде од редовите на судиите, односно на јавните обвинители, а не од редовите на членовите на овие две тела.
Судскиот и Советот на јавни обвинители преку соопштенија објавени на своите веб-страници на 4 ноември годинава одговорија на реакциите во јавноста во врска со номинирањето членови на овие две тела во Управниот одбор на АСЈО. Оттаму оценија дека нема ништо незаконито во нивните одлуки и оти номинацијата на нивните членови била извршена транспарентно на јавни седници.
Нивните реакции следуваа откако дел од политичките партии, но и невладиниот сектор излегоа со забелешки на тоа што за членови на Академијата се предложени актуелни членови на овие две тела, што според нив, е во спротивност со Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.