Германија ја укина обврската за карантин за лицата кои влегуваат во државата, а се жители на земјите од ЕУ, Шенгенската зона и Велика Британија, јавува Дојче Веле.
Лицата кои влегуваат во Германија во иднина генерално не би морале да бидат во 14-дневен карантин. Согласност за ова денеска постигнаа покраините и сојузот. Во текот на наредните денови ќе бидат направени соодветни прилагодувања на уредбите во покраините, соопштија од сојузното Министерство за внатрешни работи.
Основната линија е јасна, но покраините имаат право да одлучуваат „за нијанси“, се вели во соопштението и се додава дека деталите најверојатно ќе бидат утврдени на почетокот на наредната недела.
За лицата кои влегуваат од ЕУ, од државите на Шенгенската зона и Велика Британија, ќе биде препорачан карантин само доколку тие доаѓаат од земја со зголемена стапка на инфекција.
Обврската за карантин останува за луѓето кои доаѓаат од т.н. трети држави (кои не се членки на ЕУ и не се држава од Шенгенската зона).