Како што информираа од Елисејската палата, Мицкоски и Макрон се согласиле за важноста од продлабочување на односите меѓу Франција и Северна Македонија, особено во однос на економската соработка во областа на енергетиката, здравството и транспортот
Премиерот Христијан Мицкоски вчера, на маргините на 5. Самит на Европската политичка заедница во Будимпешта, се сретнал со францускиот претседател Емануел Макрон. Како што информираа од Елисејската палата, Мицкоски и Макрон се согласиле за важноста од продлабочувањето на односите меѓу Франција и Северна Македонија, особено во однос на економската соработка во областа на енергетиката, здравството и транспортот.
Макрон, како што додаваат од Елисејската палата, му посочил на Мицкоски и дека Франција ќе го поддржи евроинтегративниот пат на државава, но како што потенцирал, во согласност со нејзините меѓународни обврски.
„Претседателот на Републиката ја потврди и поддршката на Франција за европската траекторија на Северна Македонија. Тој посочи дека Франција ќе ги поддржи сите напори на Северна Македонија во оваа насока, во согласност со нејзините меѓународни обврски“,
се наведува во соопштението на Елисејската палата.
За средбата со францускиот претседател, македонскиот премиер вчера информира преку својот фејсбук-профил.
„Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива. Ќе дадеме сѐ од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“,
информира Мицкоски.
Тој во видеообраќање од Будимпешта, посочи дека на средбите што ги имале со дел од европските политичари, биле презентирани погледите и аргументите за евроинтегративниот пат на земјата и рече дека е оптимист за европскиот пат на земјава.
„Со секоја средба сѐ повеќе и повеќе се бориме за нашите аргументи и за вистината онаква каква што е, онаа вистина што ја чувствуваат нашите граѓани и која е важна за Македонија. Ќе продолжиме да се бориме за Македонија и во неделите, месеците, годините што следат. Мора да успееме, мора да бидеме таму каде што заслужуваме, а тоа е успешна европска приказна, а местото наше е во рамките на Европската Унија“,
рече Мицкоски во обраќањето.