Во описот на денот и на средбите што ги имал, Мицкоски вели дека по овој состанок на европската политичка заедница овде во Будимпешта уште повеќе е оптимист за европскиот пат на земјата
Одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија е една од темите за која разговарале премиерот Христијан Мицкоски и францускиот претседател Емануел Макрон на средба што денеска се одржала на маргините на состанокот на Европската политичка заедница во Будимпешта.
За средбата со Макрон, Мицкоски информираше на својот фејсбук-профил. Тој таму напиша дека состанокот бил продуктивен, а постави и неколку фотографии од средбата на македонаката и француската делегација.
„Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива. Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“,
напиша Мицкоски во објавата.
Освен за оваа средба, Мицкоски во видео-обраќање од Будимпешта, информира и дека во текот на денот остварил уште неколку билатерални средби.
На средбите, како што вели Мицкоски, биле презентирани аргументи за тоа како владата ја гледа економската иднина и како планира да ја развива државата.
Исто така, Мицкоски вели дека на средбите што ги имале со дел од европските политичари, биле презентирани и погледите и аргументите за евроинтегративниот пат на земјата.
„Со секоја средба се повеќе и повеќе се бориме за нашите аргументи и за вистината онаква каква што е, онаа вистина што ја чувствуваат нашите граѓани и која е важна за Македонија. Ќе продолжиме да се бориме за Македонија и во неделите, месеците, годините што следат. Мора да успееме, мора да бидеме таму каде што заслужуваме, а тоа е успешна европска приказна, а местото наше е во рамките на Европската Унија“,
вели Мицкоски во обраќањето.
Во описот на денот и на средбите што ги имал, Мицкоски вели дека по овој состанок на европската политичка заедница во Будимпешта уште повеќе е оптимист за европскиот пат на земјата.
„Мора да не биде и ќе не биде. Тоа што е важно е дека ние ќе дадеме се од себе да ги одбраниме националните интереси на македонските граѓани и на нашата татковина“,
додава Мицкоски.
Премиерот во Будимпешта е во придружба на министрите за надворешни работи и надворешна трговија и за европски прашања, Тимчо Муцунски и Орхан Муртезани и делегацијата што ја сочинуваат членови на неговиот кабинет, советникот за надворешни работи, амбасадорот Сашо Марковски и шефот на кабинет Владимир Нелоски. Во пораката тој рече дека делегацијата имала квалитетен работен ден.