Двајцата се договориле да се сретнат во помошен објект на ЈП „Исар“ во Штип, каде што и претходно се среќавале за да разговараат за проблемите во врската. Дошло до расправија, по што мажот почнал да ја удира 29-годишничката со тупаници и да ја дави на подот, додека не престанала да дава знаци на живот
Основниот суд во Штип определи 30-дневен притвор за 33-годишен жител на градот, кој вчера попладне со умисла до смрт ја претепал својата 29-годишна вонбрачна партнерка.

Изнесувајќи детали за случајот, од Обвинителството посочуваат дека вчера попладне двајцата се договориле да се сретнат во помошен објект на Јавното претпријатие „Исар“ во Штип, каде што и претходно често се среќавале за да разговараат за проблемите во врската.
„Меѓу нив настанала расправија, по што осомничениот физички ја нападнал. Ја удирал со тупаници, па ја фатил за вратот, ја турнал на подот и со двете раце ја притискал и ја давел подолго време, додека жената не престанала да дава знаци на живот“,
посочуваат од Обвинителството.
Мажот потоа самиот се пријавил во полициската станица во Штип.
Триесет и тригодишникот е претходно осудувано лице, а во овој случај Обвинителството го товари за убиство, казниво според член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.