Вака лидерот на опозициската ДУИ му одговори на премирот Христијан Мицкоски, кој денеска изјави дека Демократската унија за интеграција не сака да биде во опозиција оти е исплашена поради одлучноста на Владата за борба против криминалот и корупцијата
Не бараме учество во Владата за да избегаме од каква било измислена одговорност, туку за да го почитуваме гласот на сувереност. Вака лидерот на опозициската ДУИ, Али Ахмети, му одговори на премирот Христијан Мицкоски, кој денеска изјави дека Демократската унија за интеграција не сака да биде во опозиција оти е исплашена поради одлучноста на Владата за борба против криминалот и корупцијата.

„Не бараме учество во Владата за да избегаме од каква било измислена одговорност во континуитет во овие 22 години, која одговорност секогаш се споделувала со вас, туку да го почитуваме гласот на сувереност, да се престане со понижувањето на Албанците, да ја интегрираме земјата во Европската Унија, за добри меѓуетнички и меѓусоседски односи, за целосен ветинг на политичарите, судиите, обвинителите, олигарсите, процесот на приватизација, како и меѓународно мониторирана неселективна правда“,
пишува Ахмети во реакцијата објавена на својот фејсбук-профил.
Лидерот на опозициската ДУИ додава оти неговата партија добивала апсолутна поддршка од граѓаните на сите изборни процеси од 2002 година наваму, вклучувајќи ги и последните избори одржани во мај годинава.
„Како резултат на изборните победи низ годините, бевме во владини коалиции заедно со СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, но и со Алијансата за Албанците, Беса, Алтернатива, ДПА, додека другите експоненти беа дел од нашата одговорност во овие 22 години, во нашите заеднички коалиции. Заедно ги делевме обврските, сработеното и нестореното. Ние не сме ги смениле ставовите, туку сите други ги смениле позициите во зависност од околностите, дали се со нас во коалицијата или не“,
додава Ахмети.
Во пораката до премиерот, Ахмети повторно го повика на предвремени парламентарни избори, кои би се одржале заедно со локалните во октомври идната година, за, како што рече, граѓаните да го кажат својот збор година и половина од функционирањето на актуелната влада.
Реакцијата на лидерот на ДУИ следува откако претходно денеска премиерот му порача неговата партија да се подготвува за одговрност, а подготовките за избори да ги остави за кога ќе дојде време за тоа.