На прашањето дали Христовски има сертификат за државна тајна, како еден од условите да биде поставен за директор на АНБ, премиерот одговори потврдно
Владата ќе чека мислење од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), рече денеска премиерот Христијан Мицкоски од Ѓорче Петров одговарајќи на новинарско прашање што ќе преземе Владата за случајот со сомнителниот сертификат што неодамна избраниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, го извадил во Бугарија, а за што и Обвинителството и Антикорупциската комисија најавија дека ќе отворат предмет.

На прашањето дали Христовски има сертификат за државна тајна, како еден од условите да биде поставен за директор на АНБ, премиерот одговори потврдно.
„Да, Бојан Христовски има сертификат за државна тајна“,
рече тој.
Неполна недела по назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на АНБ, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) оформи предмет за неговото именување, по пристигната анонимна претставка во која била оспорена законитоста на неговото именување.
Обвинителството најави дека ќе оформи предмет и ќе провери.
ДКСК минатата недела отвори предмет за именувањето на Христовски за директор на АНБ откако до Антикорупциска пристигнала анонимна претставка во која пишувало дека тој не ги исполнува условите за да биде директор. Претседателката на Антикорупциска, Татјана Димитровска, потврди дека до нив стигнала ваква претставка и дека по неа е оформен предмет и веќе се постапува.
Од Обвинителството вчера најавија дека доколку Антикорупциската комисија во разумен рок не ги испита наводите од предметот за Христовски, предмет за случајот ќе отвори Обвинителството, информираат за МИА од ОЈО Скопје.
Именувањето на Бојан Христовски за директор на институцијата задолжена за безбедноста и контраразузнавањето предизвика многубројни прашања и реакции во јавноста.
Во интервју за „360 степени“, Христовски рече дека во целост ги исполнува сите законски услови за именување на директорската позиција во АНБ, меѓу другото, дека поседува соодветен сертификат за познавање на англиски јазик – нешто што го оспори опозицискиот СДСМ, тврдејќи дека во Пловдив, каде што Христовски навел дека го добил сертификатот, не постои центар за полагање ТОЕФЛ-тест.
Во истото интервју, повтори дека во моментот поседува безбедносен сертификат од степен „строго доверливо“ што е ниво под „државна тајна“.