Според „Алфа рисрч“, излезеноста на овие избори во Бугарија е 38 отсто
Првичните излезни анкети за парламентарните избори во Бугарија покажуваат дека победник е партијата ГЕРБ на Бојко Борисов. Сепак, партијата е далеку од можноста сама да формира влада, пренесува Дневник.бг.

Според излезните анкети на агенцијата „Алфа рисрч“, партијата на Борисов освоила 26,4 отсто од гласовите или 74 мандати. За да се формира влада во Бугарија, потреби се 121 пратеник.
Анкетата посочува дека втора е коалицијата „Продолжуваат промените – демократска Бугарија“, предводена од Кирил Петков, со освоени 14, 9 отсто од гласовите или 42 мандати во парламентот. Трета политичка партија според освоени гласови е Преродба со освоени 12,9 отсто или 36 мандати.
На четврто и петто место се двете политички партии што на овие избори се поделија од поранешната партија Движење за права и слободи (популарната турска партија).
Партијата ДПС – Нов почеток на Далјан Пеевски има 25 мандати, а 24 мандати има Алијансата за слободи и прави предводена од Ахмет Доган.
Бугарските социјалисти, некогашната владејачка партија, се на шестото место со освоени 22 мандати.
Во парламентот влегуваат и партијата Има таков народ на Слави Трифонов со 17 мандати.
Според „Алфа рисрч“, излезеноста на овие избори во Бугарија е 38 отсто.
Овие резултати на излезните анкети не ги содржат гласовите од дијаспората, што значи дека се можни промени на бројките.
Граѓаните на Бугарија денеска избираа 240 пратеници во 51. Народно собрание. Ова беа седми избори во последните четири години, а шести предвремени по редовните на 4 април 2021 години.
Последните предвремени избори се одржаа на 9 јуни годинава.
На денешните избори за Националното собрание учествуваат 19 партии, девет коалиции и еден независен кандидат.