Летовите ќе бидат обновени до 130 дестинации кои ги покриваат фирмите – ќерки Аустријан ерлајнс, Свис, Јуровингс и Брисел ерлајнс
Германската авиокомпанија Луфтханза и нејзината фирма- ќерка Аустријан ерлајнс од јуни ќе ги обноват летовите. Летовите ги обновуваат и другите членки на групата Свис, Јуровингс и Брисел ерлајнс.
Се работи за над 130 дестинации кои беа суспендирани поради пандемијата.
Сите членки на групацијата ќе изведуваат 1 800 лета неделно до крајот на јуни, соопштија од Луфтханза, а билетите се во продажба од вчера.
Луфтханза веќе го наложи задолжително носењето маски за време на летовите, така што истото ќе треба да се спроведе и во останатите компанија.
Портпаролот на Аутријан ерлајнс, Марлен Пирхнер, изјави дека употребата на заштитни маски во борбата против ширењето на коронавирусот во авионите е посоодветно отколку оставањето на средното место празно.
„Блокирањето на средните места би било крајно непрофитабилно во финансиска смисла. Посоодветно е да се работи со маски и да не се оставаат слободни места за седење. Од гледна точка на животната средина, овој пристап ќе биде поддржан и затоа што во овој случај нема да мора да летаме почесто“,
велат од компанијата.
Најавата за продолжување на летовите доаѓа во време кога авиокомпаниите сè уште прават планови за реактивирање на авионите поради неизвесност во врска со побарувачката, новите здравствени мерки и карантин на некои пазари.
Луфтханза преговара со германската влада за програмата за помош од девет милијарди евра од германскиот фонд за економска стабилизација за надминување на ефектите од пандемијата и падот на патувањето во периодот по смирувањето на пандемијата на Ковид-19.