На прашањето кога би се одржала следната средба во Софија, рече дека сè уште не е определен точниот датум, дека тоа дополнително ќе се утврдува во насока на можностите на сите членови на Комисијата
Надеж за добра волја во изнаоѓање заеднички јазик со новиот состав на историската комисија од македонската страна. Ова денеска го посочи Ангел Димитров, претседателот на бугарскиот тим и копреседавачот со Комисијата по претпладневниот дел од вториот состанок меѓу македонскиот и бугарскиот тим од Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија во Министерството за надворешни работи во Скопје.

„Започнавме едни многу долго водени разговори досега околу претставувањето на Охридската Архиепископија во 11 век. Бидејќи на нашите колеги им треба време за да навлезат во таа проблематика, решивме тоа да го оставиме за следната средба што ќе биде во Софија“,
рече тој.
На прашањето кога би се одржала следната средба во Софија, рече дека сè уште не е определен точниот датум, дека тоа дополнително ќе се утврдува во насока на можностите на сите членови на Комисијата.
На состанокот не дискутирале за теми поврзани со прегледот на учебниците за седмо одделение во РС Македонија, но според Димитров, започнале да работат на разгледување на протоколите од претходните средби.
„Со тоа ќе продолжиме и после ручекот“,
вели Димитров.
Прашан дали заедничката историска комисија ќе почне со работа од почеток, Димитров рече дека ништо не може да почне од почеток и оти досега е завршена многу голема работа.
„Значи, ништо не може да почне од почеток, завршена е многу голема работа и треба да го уважиме трудот на оваа комисија“,
рече претседателот на бугарскиот тим.
Дали ќе најдат заеднички јазик со новиот состав на македонските историчари, рече дека кога има добра волја, се е можно.
„Се надеваме дека ќе има (добра волја)“,
вели Димитров.
Состанокот од вчера, прв откако македонскиот тим од Комисијата е со променет состав, помина во протоколарни и технички прашања, запознавање меѓу двата состави и дискусија за принципите на работа.
За потсетување, новата Влада на премиерот Христијан Мицкоски, на почетокот на септември ги именуваше новите членови на Комисијата и за копретседател го назначи професорот Ванчо Ѓорѓиев кој извесно време беше дел од претходниот состав.
Последната средба на историската комисија со Бугарија беше одржана на 30 и 31 мај во Софија, а состанокот планиран во Скопје на 18 и 19 септември годинава беше одложен на барање на македонската страна.
Досега Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија усвои препораки за заедничко чествување на пет историски лика – светите браќа Кирил и Методиј, свети Наум Охридски, свети Климент Охридски и цар Самуил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за петти клас во Бугарија.
Она што остана камен на сопнување од претходните состаноци на Комисијата беа ликот и делото на Гоце Делчев, за кој историчарите од двете страни имаа речиси дијаметрално спротивни ставови, а отворени прашања има и околу настани личности од средниот век.
Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Северна Македонија и Бугарија потпишан на 1 август 2017 година.