Во меѓувреме, на социјалните мрежи денеска се појави снимка на која наводно се гледаат севернокорејски војници кои дошле во Русија на обука
Северна Кореја ги негира информациите дека ѝ обезбедува војници на Русија кои би можеле да се употребат во конфликтот во Украина. Постојаниот претставник на Пјонгјанг во Обединетите нации го опиша тврдењето на Сеул како „неоснована шпекулација“.
„Што се однесува до таканаречената воена соработка со Русија, мојата делегација не смета дека е потребно да ги коментира овие неосновани тенденциозни шпекулации. Тврдењата на Сеул се насочени кон оцрнување на имиџот на Демократска Народна Република Кореја и поткопување на легитимните, пријателски и кооперативни односи меѓу две суверени држави“,
изјави севернокорејскиот претставник на седницата на Генералното собрание на ОН одржана доцна синоќа во Њујорк.
Претходно вчера, Јужна Кореја го повика рускиот амбасадор во Сеул за да побара итно повлекување на трупите за кои вели дека биле испратени од Пјонгјанг за да ја поддржат Москва во нејзината војна против Украина, соопшти јужнокорејското Министерство за надворешни работи.
Околу 1 500 севернокорејски војници од специјалните сили веќе се во Русија на аклиматизација и се очекува наскоро да одат на фронтот, соопшти во петокот јужнокорејското разузнавање. Според него, се очекува да бидат испратени вкупно околу 12 000 војници.
Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја, исто така, објави детални сателитски снимки за кои рече дека го покажуваат првото распоредување на севернокорејски трупи.
Во меѓувреме, на социјалните мрежи денеска се појави снимка на која наводно се гледаат севернокорејски војници кои дошле во Русија на обука.
Како што објави „Киев пост“, на видеото наводно се гледа пристигнувањето на севернокорејските војници во руската воена база „Сергеевка“, на далечниот исток на Русија, која се наоѓа на околу 200 километри од границата со Северна Кореја.
A new video has surfaced online, allegedly showing North Korean troops in Russia.
— KyivPost (@KyivPost) October 22, 2024
The footage reportedly captures the arrival of North Korean soldiers at a military base, believed to be unit 44980 of the 127th Motor Rifle Division in Sergeyevka, Primorsky Krai.
“Handsome allies… pic.twitter.com/cJY4qvLffm
„Стигнаа сојузниците од Северна Кореја. Се надеваме дека ова ќе стави крај на војната“,
вели лицето штого снима видеото на јакутски јазик.
Јужна Кореја и САД долго време тврдат дека севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун испраќа оружје во Русија за употреба во Украина.