Компанијата е регистрирана на адреса на адвокатската канцеларија „Михајлоски и Поповска“, каде што коосновач е адвокатот Александар Михајлоски, познат како член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ
Унгарската телеком-компанија „Фор-ај-џи“ (4iG), која по смената на власта изрази желба да стане трет оператор во земјава, неделава отвори фирма во Скопје под називот „Оне Македонија телекомуникации“, објави „Призма“.
Основните информации за фирмата денеска се објавени на веб-страницата на Централниот регистар.
Компанијата е регистрирана на адреса на адвокатската канцеларија „Михајлоски и Поповска“, каде што коосновач е адвокатот Александар Михајлоски, познат како член на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа вест, преку соопштение до медиумите ја потврдија и од компанијата.
„По неколку успешни аквизиции во Албанија и Црна Гора, Групацијата ‘Фор-ај-џи’ започна со подготовки за влез на пазарот во Северна Македонија со основање подружница ‘Оне Македонија телекомуникации’. Со одлука на одборот на Групацијата донесена минатиот петок, новата компанија ќе биде основана од ‘Антена Унгарија‘, дел од ‘Фор-ај-џи‘, под која е телекомунициското портфолио на инфокомуникациската групација во Унгарија и во Западен Балкан“,
се вели во соопштението.
Регистрацијата на компанијата е завршена, а со тоа Групацијата „Фор-ај-џи“ има за цел што поскоро да влезе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија.
„Со завршувањето на процесот за регистрација на компанијата за иден извршен директор на ‘Оне Македонија телекомуникации‘ е назначен Тамаш Табори, кој е заменик-извршен директор одговорен за телекомуникациска стратегија во унгарската матична компанија“,
велат од „Фор-ај-џи“.
Оттаму велат дека се посветени да влезат на македонскиот телекомуникациски пазар со истата посветеност и иновациите што ги донеле и во Албанија и Црна Гора.
„Основањето на ‘Оне Македонија телекомуникации’ е нашиот прв значаен и опиплив чекор кон станување главен телекомуникациски провајдер во Северна Македонија“,
вели Табори.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во јули најави потенцијален влез на трет мобилен оператор во земјава. Како причина за воведувањето трет оператор ги наведе цените на мобилната, кабелската телевизија и интернет-услугите кои, како што рече, во земјава се повисоки од најголем дел од европските држави.
На почетокот на септември, премиерот Христијан Мицкоски, објаснувајќи го потпишувањето на меморандумот за соработка на Владата со телекомуникацискиот оператор „Фор-ај-џи“ (4iG) рече дека тендер за нов трет мобилен оператор мора да има, а ќе биде распишан во следниот период,
Инаку, за прашањето за евентуален влез на унгарски „Фор-ај-џи“ во Северна Македонија како трет мобилен оператор, во услови кога има стратешко партнерство со кинескиот производител „Хуавеј“, во изминатиот период известуваше „360 степени“.